Лидерот на Партијата на европските социјалисти, Сергеј Станишев порача дека местото на Македонија и Албанија е во Европската Унија. На подготвителната средба на левите премиери и еврокомесари пред Европскиот совет денеска во Брисел, Станишев оцени дека за жал уште еднаш важни одлуки за иднината на ЕУ стануваат жртва на неодговорно однесување, базирано на краткорочни внатрешнополитички размислувања.
Тој нагласи дека во моментов францускиот претседател Емануел Макрон води политика на инает.
– Тоа не е демонстрација на сила, напротив тоа е спротивното – немоќ – рече Станишев и додаде дека реформите и обновувањето на ЕУ не можат да се спроведат на овој начин, со непочитување на критериумите, правилата, солидарноста и процесот на градење доверба.
На покана на Станишев денеска премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас учествуваа на состанокот.
Во специјалното писмо, кое Станишев го испрати до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, Станишев настојува во име на ПЕС прашањето да биде ставено на дневен ред на Самитот.
– Ние како Бугари имаме болно искуство со овој метод–повеќе од десет години чекаме пред Шенген портата. Новото одложување на овие преговори ќе биде погубно за политичките процеси во тие земји и сериозно ќе ја поткопа довербата во ЕУ како двигател на позитивни промени во земјите-кандидатки. Единствениот ефект од тој чекор ќе биде разгорување на антиевропски популизам и национализам. Во старите земји-членки тој веќе ги поткопува основите на ЕУ, на Балканот може да биде експлозивен. Не смееме тоа да го дозволиме – рече лидерот на ПЕС.