Сојузот на стопански комори на Македонија се обраќа во знак на револт како резултат на исклучувањето на програмите од страна на операторите кои се обврзани со договори склучени со компаниите и граѓаните да ги испорачуваат. Со ваквото однесување се врши оштетување на корисниците кои имаат склучени договори со операторите, врз основа на кои тие очекуваат испорака на услугите за кои плаќаат.
– Вакво скандалозно однесување не е забележано никаде, да се исклучува програма за која постојат уредно потпишани договори и за која се има обврска за испорака на услуга кон компаниите и граѓаните. Бараме појаснување според кој член од договорите без прашање и без писмено прифаќање од страна на корисниците, истите ќе бидат обештетени со некој денар намалена претплата, а не со соодветна оштета за прекршување на договорите. Правото на протест доколку се сака да се искористи, тоа не смее да се прави со оштетување на корисниците и со на овој начин вршење притисок со исклучување на програмата. За протест против наводно наметнат пропис, операторите може да се упатат пред институциите кои сметаат дека ги оштетиле, да си го користат правото на штрајк и протест, да преговараат, без да се преземаат дејствија како прекин на услуга, со што ги оштетуваат граѓаните и фирмите.Очекуваме да се престане со самоволието камуфлирано во протест, своите права операторите да си ги бараат институционално, а не на грбот на корисниците и да ги испорачуваат редовно услугите за кои имаат обврска по договор – се вели во соопштението.