На автомобилите со српски регистарски таблички кои влегуваат во Македонија преку граничниот премин „Табановце“, од денес им се делат М-смарт картички со кои ќе можат бесплатно да поминуваат на патарините до граничниот премин со Грција.
Картичките се со кредит од 760 денари, колку колку што е потребно за поминување на Коридор 10 во двата патни правци. Кредитот може да биде искористен до 15 август, а картичките потоа остануваат во нивна сопственост.
Веќе се изработени 65 илјади картички од кои МВР ќе издава по една за секој автомобил.
Според првичните информации, за неколку часа биле поделени стотици картички, со што српските државјани се задоволни од гестот кој е воведен во знак на благодарност кон Србија за донацијата на вакцини против ковид-19.