Пишува: Блаже Миневски
Пред српската окупaција на Македонија во 1912 година имало вкупно 641 егзархиско училиште и 37.000 ученици, а веќе кон крајот на октомври и почетокот на ноември 1912 година повеќе од половината престанале да работат, па 1.013 учители биле принудени да бараат работа како српски учители, меѓу кои биле и Коцка Арсова и Мане Мишев од Штип. Според првичниот српски увид на состојбата, во Македонија немало доволен број учители затоа што многумина егзархиски учители ги напуштиле своите родни и работни места и, заедно со бугарската војска, се повлекле во Бугарија. Затоа во првата група на учителскиот курс за изучување на српската историја, јазик и географија во Белград се пријавиле само 152 учители, а во втората група само 84 македонски учители
На 12 септември 1913 година, младата учителка Коцка Арсова од Штип испратила молба до началството на Штипскиот округ со барање да биде поставена за српска учителка во Македонија: „Сакам да бидам српска учителка како српска граѓанка по анексијата на овие краеви. Го молам Началството да ја спроведе оваа моја молба до надлежното Министерство за да бидам поставена за наставничка во основното училиште во Неманци“, пишува меѓу другото во молбата. Во Архивот на Србија, односно во архивските материјали на Министерството за просвета и црковни работи, сѐ уште стојат стотици вакви документи на Македонци, кои по поделбата на Македонија по Балканските војни барале начин да продолжат да живеат на своите родни огништа, сега под српска окупација. Меѓу купиштата документи за животот на Македонците во „српско“ се и молбите на двајца учители до Штип, кои до доаѓањето на Србите во градот биле егзархиски, односно бугарски учители. Во молбите што ги испратиле до началството на Штипскиот округ во јули, односно септември 1913 година, Мане Мишев и Коцка Арсова бараат да станат српски учители „како српски граѓани по окупацијата на овие краеви“. По повлекувањето на бугарските окупатори од Македонија без работа останале 1.013 учители, па многумина од нив со вакви молби до новата власт се обидувале да обезбедат егзистенција за себе и за своите семејства. Според проф. д-р Александар Стојчев, ваквите примери, од една страна, потврдуваат дека по окупацијата на Вардарска Македонија српските власти веднаш почнале со асимилација на Македонците, но, од друга страна, како што може да се види и од документите, во молбите нигде не пишува дека молителите се Срби туку „српски граѓани“ поради српската „анексија на овие краеви“. Всушност, во едната молба пишува дека е „извршена анексија“, а во другата „српска окупација“.
„Станав српски граѓанин по српската окупација на овие краеви!“
Но, еве ги, двете молби за да се види документирано дека двајцата учители во своите обраќања јасно посочуваат оти како граѓани на државата што ги окупирала, а во исто време и како учители по професија, а бидејќи не сакале да заминат со бугарската војска во Бугарија, ѝ се ставаат на располагање на новата српска власт, што значи дека децата наместо на бугарски ќе ги учат на српски јазик. Првата молба е од Мане Мишев, односно Мишевиќ, напишана на 27 јули 1913 година, а втората од учителката Коца Арсова, односно Арсовиќева, како што пишува во документот. Двајцата се обраќаат до Началството на штипскиот округ, со тоа што молбата на Мане Мишев е малку поопширна од молбата на неговата помлада колешка пишувана исто така на српски јазик, веројатно од службен писар, и упатена до српската власт два месеца подоцна. Штипскиот егзархиски учител Мане Мишев пишува:
„Како бугарски општински учител поминав 15 години, и тоа една година во селото Соколарци и три години во селото Оризари, Кочанско, а единаесет години во Штип, со плата од 48 лири годишно. Имам завршено учителско училиште во Скопје што се гледа од приложеното свидетелство; стар сум 34 години што се гледа од свидетелството, а крштеница не можам да приложам бидејќи во време на моето раѓање свештениците не воделе книги на родените. Имам жена и три деца. Роден сум во Штип, каде имам и свои роднини.
Сакам да бидам српски учител, бидејќи станав српски граѓанин по српската окупација на овие краеви.
Го молам Началството да ја испрати оваа моја молба до Власта која е надлежна и да ја замоли да ме постави за учител, имајќи го предвид времето што го поминав во учителската служба.“
Молбата е потпишана со „понизен, Мане Мишевиќ, учител“.
И вториот документ, молбата на Коцка Арсова, јасно го нагласува фактот дека станува збор за „српска окупација“, и дека само поради тоа Македонците станале „српски граѓани“. Сепак, за разлика од Мишев, кој од бугарската егзархија примал годишна плата од 48 лири, деветнаесетгодишната Коцка Арсова, која имала вкупно две години работен стаж, примала само дваесет турски лири годишно. Во својата молба од 12 септември 1913 година до српското началство во Штип таа пишува:
„Како бугарска егзархиска учителка поминав две години во селото Рајчанци и тоа со годишна плата од дваесет турски лири.Имам завршено поранешно бугарско Вишо женско училиште како што се гледа од приложеното свидетелство. Стара сум 19 години што се гледа од приложената крштеница. Не сум мажена а родена сум во Штип.
Сакам да бидам српска учителка како српска граѓанка по анексијата на овие краеви.
Го молам началството да ја спроведе оваа моја молба до надлежното Министерство за да бидам поставена за наставничка во основното училиште во Неманци.“
„По секоја окупација на земјата, Македонците биле присилувани да ја менуваат националноста!“
Според тогашниот протокол за пишување на ваквите молби, учителката се потпишала како „понизна, Коцка Арсовиќева“, значи избрала некаква форма, која била најблиска со нејзиното македонско презиме – Арсова. Зошто не се потпишала како нејзиниот колега со српско „ќ“ на крајот, и дали тоа е направено случајно или намерно, сега може само да се нагодува, како што не се знае дали нивните молби биле прифатени и дали двајцата продолжиле да работат како учители, овој пат наместо туѓиот бугарски користејќи го туѓиот српски јазик во наставата, односно учејќи ги македонските деца на српски јазик како што претходно ги учеле на бугарски јазик. Во секој случај, од молбите може да се видат две битни работи: двајцата признаваат дека биле „бугарски учители“ и дека сега сакаат да бидат „српски учители“, што значи дека сосема им било јасно дека ниту во едниот ниту во другиот случај не биле само учители, односно македонски учители. Впрочем, во тоа време и не можеле да бидат македонски учители, иако двајцата се Македонци. Фактот што во молбата спомнуваат анексија/окупација е сосема јасен показател дека српската власт не ја сметале за „ослободување“ од Турците туку за ново ропство, па затоа во молбите пишуваат дека станале „српски граѓани по анексијата“ односно по „српската окупација на овие краеви“. Како и да е, двата документа мошне добро ја отсликуваат состојбата во која се наоѓале Македонците во времињата кога по секоја окупацијата на Македонија станувале граѓани на туѓи држави во кои морале да се снаоѓаат за да преживеат до следната окупација и следното „граѓанство“ добиено врз основа на актуелната окупација. А во архивите има многу документи, кои можат да потврдат дека Македонците добро знаеле што е „окупација“, што е „анексија“, а што „ослободување“
Барање на министерот за просвета на Србија, Љубо Јовановиќ до Владата
Шеесет милиони динари за отворање српски училишта во „новоослободените“ краеви!
Според проф. д-р Никола Жежов, српската власт во окупирана Македонија само во Штипско, Овчеполско, Кочанско, Царевоселско, Малешевско и Радовишко собирала данок во висина од 31.952,5 динари за окружната администрација, 21.799 динари за околиската управа, 58.610 динари за другите градски општини и 110.790 динари за издршка на сите други селски општини. Во меѓувреме, од вкупно 641 егзархиско училиште и 37.000 ученици, колку што имало на територијата на Вардарска Македонија пред српската окупација, веќе кон крајот на октомври и почетокот на ноември 1912 година повеќе од половината престанале да работат, па 1.013 учители биле принудени да бараат работа како српски учители, меѓу кои и Коцка Арсова и Мане Мишев од Штип. Во таа насока, тогашниот министер на просвета на Србија, Љубо Јовановиќ, барал Владата да одобри 60 милиони динари за организирање, отворање и работа на училиштата во „новоослободените“ краеви.
За прв инспектор на брегалничката училишна област бил поставен Стефан Нешиќ, кој веднаш назначил 12 училишни надзорници, кои биле задолжени во најкраток можен рок да достават список со учители што прифаќаат да држат настава на српски јазик. Првичниот увид во состојбата покажал дека нема доволен број учители затоа што голем број од егзархиските учители ги напуштиле своите родни и работни места и, заедно со бугарските војски, се повлекле во Бугарија. Затоа во првата група на учителскиот курс во Белград, за изучување на српската историја, јазик и географија, се пријавиле само 152 учители, а во втората група само 84 учители. Притоа, сите егзархиски учители што давале отпор во поглед на посетувањето на националните курсеви во Белград, веднаш биле мобилизирани од српската војска!