Како политичките промени низ историјата битно се рефлектирале и врз црковните текови
Според пишувањето на отец Драги Костадиновски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во неговата книга „Вардарскиот дел од Македонија под јурисдикција на Српската православна црква од 1919 до 1941 година“ објавена во 1995 година, не само некогашната кралска власт на Србија, туку во добивањето на томосот од Вселенската патријаршија за СПЦ, голема улога имала и одлуката на тогашните кралски власти да обезбедат висока финансиска помош за Вселенската патријаршија за таа да ѝ ги отстапи епархиите од Македонија, Босна и од Хрватска на Српската црква
Политичките лобирања заради одредени специфични државни интереси и активното вклучување на државните власти не се непозната практика и во процесите за стекнување автокефалност на една православна црква. Речиси сите православни цркви што денес функционираат во државите со доминантно православно население имаат историја на политичка вклученост во добивањето на признавањето на нивната независност како црква во православието, односно за стекнување на томосите за автокефалност. Најинтересен пример можеби е токму тој на Српската православна црква, која денес формалноправно ги поседува епархиите од територијата на денешната независна држава Македонија, кои практично ги нема под владение, зашто Македонската православна црква – Охридска архиепископија на овој простор егзистира уште по Втората светска војна, а со своја автокефалност од 1967 година.
Според пишувањето на отец Драги Костадиновски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во неговата книга „Вардарскиот дел од Македонија под јурисдикција на Српската православна црква од 1919 до 1941 година“ објавена 1995 година, не само некогашната кралска власт на Србија, туку во добивањето на томосот од Вселенската патријаршија за СПЦ, голема улога имала и одлуката на тогашните кралски власти да обезбедат висока финансиска помош за Вселенската патријаршија за таа да ѝ ги отстапи епархиите од Македонија, Босна и од Хрватска на Српската црква.
– По обединувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на 1 декември 1918 година, било наметнато и прашањето за обединување на тогашните посебни православни цркви во рамките на новата држава во единствена Српска автокефална православна црква во кралството – се вели во книгата на отец Костадиновски.
Според историските податоци, Владата на Кралството на СХС тогаш исплатила милион и 500 илјади француски франци, откако претходно биле завршени сите преговори, кои се одвивале меѓу Вселенската патријаршија и кралската влада на Србија со вклученост и на претставници на СПЦ.
– Преговорите за ова прашање меѓу државно-црковната делегација на Кралството на СХС и Светиот синод на Цариградската патријаршија започнале во 1919 година. Истите тие, есента во 1919 година завршиле. Вселенската патријаршија се откажала од своите права над епархиите во Босна и Херцеговина и Македонија за што белградската влада на Цариградската патријаршија за да се откаже од своите права над епархиите во Македонија и Босна и Херцеговина ѝ исплатила сума од милион и 500 илјади француски франци – пишува отец Костадиновски во книгата.
Отец Костадиновски во својата книга пишува детално кој од властите на Кралството СХС бил вклучен во тој процес што се одвивал по Првата светска војна. Се гледа дека се барала и се добила помош од државни власти.
– Преку митрополит Димитриј било искажано барање до Владата на СХС кон дипломатска мисија за преговори со Цариградската патријаршија да се дадат уште двајца стручњаци – пишува отец Костадиновски.
Интересно е да се напомене дека клучна улога во одлучувањето на Вселенската патријаршија да ѝ ги отстапи на Српската црква епархиите од денешна Македонија е политичкиот момент на формирање нови политички граници на, тогаш, државата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
Тоа е запишано и во томосот што тогашниот вселенски патријарх Милетиј ѝ го потпишува на СПЦ.
– Во март 2020 година, врз основа на постигнатиот договор меѓу Кралството СХС и Цариградската патријаршија, Архијерејскиот собор на Цариградската патријаршија донел одлука со која бил даден благослов за присоединување на епархиите од „Јужна Србија“ и Босна и Херцеговина кон обединета Српска православна црква. Одлуката гласи: канонски ред и обичај е работите на црковната управа да се уредуваат и доведуваат во согласност спрема политичките промени, кои се случуваат, а според тие промени црковните работи со внимание, како што чини, да се приспособуваат и распоредуваат не само заради нивното уредно и целесообразно изведување, туку и заради поголемата полза за црквата и христоимениот народ – пишува отецот.
Верските аналитичари велат дека токму начинот на кој СПЦ го добила томосот за епархиите од Македонија, денес е главниот аргумент на МПЦ во барањето за признавање на автокефалноста.
Ако тогаш на СПЦ ѝ биле дадени овие епархии затоа што политичките граници на Кралството СХС ја опфаќала и Македонија, денес политичките граници на Македонија се нова реалност, што е дел од независната македонска држава.
Тоа, според верските аналитичари, е основниот аргумент Вселенската патријаршија да го примени истото правило како и во 1922 година, кога ѝ го потпишала томосот на тогашната Обединета црква на Кралството СХС.
Македонската автокефалност, националните интереси и државата
Многу важна улога за интернационализирањето на прашањето за признавањето на МПЦ во овој период има и актуелната политика на Владата, особено поддршката што доаѓа од премиерот Зоран Заев. Неговата иницијатива да испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста, е на линија на поддршка на националните и државни интереси, кои се неразделен дел од црковната самостојност на МПЦ-ОА.
Според аналитичарите, таа поддршка од државата што МПЦ-ОА ја добива преку премиерот Заев е во насока на државничка одговорност за општествено важните прашања, а токму решавањето на црковното прашање во Македонија ќе значи дополнително релаксирање на односите меѓу државите во регионот и уште еден проблем помалку.