Средношколците ќе ја бојкотираат наставата доколку не се исполни нивното барање за отпочнување на учебната година со комбиниран модел на настава, кое Владата не го прифатила, соопштија од Сојузот за средношколци, додавајќи дека ќе ја следат состојбата со епидемијата и ќе бараат тој модел да се примени од ноември, ако состојбата е стабилна.
– Нашето најважно барање, учебната година да започне со комбиниран модел не е прифатено од органите за образование и од Владата. Направивме компромис почитувајќи ги епидемиолозите, но доколку епидемиолошката состојба во текот на октомври е стабилна, тогаш учениците треба постепено да се враќаат во училиштата со комбиниран модел. Доколку тоа не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира онлајн наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис, туку како ултиматум до министерката Царовска и министерот Филипче – потенцираа од Сојузот на средношколци.
Средношколците констатираа дека, доколку утре, кога започнува учебната година, платформата не е функционална, некој треба да преземе одговорност за тоа, иако ги пофалија чекорите на образовните власти кон подобрување на онлајн наставата, преку создавање на националната платформа за учење на далечина.
Тие сметаат дека затворањето на училиштата ги продолабочува нееднаквостите бидејќи околу 40.000 ученици немаат потребни финансиски средства за следење на процесот за учење на далечина.