Марко Лазетиќ и неговите соученици Миро Зиноски и Стефан Стојановски, од скопската гимназија „Георги Димитров“, беа наградени од Фондот за иновации за изработка на прототип на дрон со прскалка, кој би се користел за третирање високостеблести и тешко достапни шуми заболени од штетници. Сега Лазетиќ почна да развива дронови што би можеле да се применуваат при гасење пожар во висококатници, онаму каде што пожарникарите не можат да стигнат со своите скали
Брзиот развој на технологијата овозможи сè поголемо вклучувањето на новите технолошки достигнувања во секојдневието на човекот. Една таква технологија е употребена во беспилотните летала, или попознати како дронови. Она што пред неколку години го гледавме во научнофантастичните филмови, денеска е наша реалност. На небото сè почесто можат да се забележат беспилотните летала, чиј звук потсетува на зуењето на здодевните мајски бумбари.
Релативно пристапната цена, која се движи од 2.000 денари до 8.000 денари за поедноставните модели, но и до неколку илјади евра за технолошки понапредните модели, овозможи голем број вљубеници во летањето да си ја дозволат оваа „играчка“, а пософистицираните модели почнаа да наоѓаат примена и во секојдневието.
Со дронови почнаа да се снимаат разни свечености, свадби, концерти, спортски натпревари, но секако главна примена најдоа во областите каде што досега се користеа авиони и хеликоптери. Дроновите надгледуваат земјоделски насади, со нив се следат спасувачки операции во загрозените подрачја, се надгледуваат диви животни, но се користат и за истражувачки и образовни цели.
За една таква цел, средношколецот Марко Лазетиќ и неговите соученици Миро Зиноски и Стефан Стојановски, од скопската гимназија „Георги Димитров“, беа наградени од Фондот за иновации за изработка на прототип на дрон со прскалка, кој би се управувал за третирање високостеблести и тешко достапни шуми заболени од штетници.
Сега Лазетиќ почна да развива дронови што би можеле да се применуваат при гасење пожар во висококатници, онаму каде што пожарникарите не можат да стигнат со своите скали.
Дронот дизајниран од Марко ќе носи лансирни цевки од кои ќе се истрелуваат проектили што ќе содржат специјална аеросолна материја што ќе го гасне пожарот.
– Уште како мал ме интересираше техниката, тогаш почнав да експериментирам со лего-коцките, на пет-шест години почнав со некакви лемења и основни електроники, а првиот дрон го изработив на 13-годишна возраст, додека една година подоцна го направив првиот професионален дрон со кој можеше да се снима – вели Лазетиќ.
Тој додава дека некои од деловите на дроновите што ги изработува ги дизајнира сам, додека моторите и дел од електрониката ја нарачува преку интернет. Во зависност од типот на дронот, изработката трае меѓу два и три месеца.
Низ светот, компаниите почнаа да експериментираат со беспилотни летала со намера што полесно и побрзо да ги достават производите на оддалечените адреси. На таков чекор се одлучија компаниите „Амазон“ и „Гугл“, а во сличен правец тргна и кинескиот трговски интернет-гигант „Алибаба“. Пентагон планира да ги вклучи дроновите за доставување хуманитарна помош во подрачјата погодени од елементарни непогоди, кога доставата на храна и вода е клучна за спасување на што поголем број животи, а инфраструктурата е уништена и е невозможно да се направи тоа по копнен пат.
Според некои истражувања, употребата на дроновите наместо камиони за достава на стока, би можела драстично да ја намали емисијата на стакленички гасови.
Следејќи ги светските текови, повеќе општини во земјава најавија дека ќе вклучат дронови во откривањето потенцијални загадувачи на воздухот, како и за лоцирање дивоградби, диви депонии и разни други комунални проблеми. Во Македонија, според податоците од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, во моментов има регистрирано 94 дрона.
Законската регулатива предвидува сите беспилотни летови потешки од 500 грама и кои развиваат поголема брзина од 19 метри во секунда, да мораат да бидат регистрирани. Регистрацијата може да се изврши на веб-страницата на агенцијата, а цената за регистрирање се движи од 20 до 50 евра во денарска противвредност, во зависност од големината на леталото. Секој лет треба да се најави во Агенцијата за цивилно воздухопловство 24 часа претходно.
– Значајно се разликуваат летовите од урбана и рурална средина, со предност, се подразбира, на урбаната средина. Во однос на градовите, најголема застапеност од 40 проценти на летање со воздухоплов без екипаж може да се забележи во Скопје, како главен град на државава – се посочува во извештајот на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2018 година.
Според податоците во извештајот, минатата година биле регистрирани 737 лета на дронови на територијата на државата.
Од МВР, пак, информираа дека во изминативе три години приземјиле три дрона што биле неовластено управувани во Скопје.
Беспилотни летала може да управуваат лица со наполнети 18 години, со лекарско уверение и со завршена теоретска и практична обука во овластени центри.