Но, и покрај многубројните жртви и големиот удел што Македонија го има во борбата за слобода, демократија, самоопределување, меѓународни вредности и почитување на меѓународното право, државата со години се наоѓа заробена во европските лавиринти и блокирана поради целосно апсурден, наметнат и бесмислен спор за името од страна на Грција. Со самото тоа се наметнува дилемата дали ваквите апсурдни блокади, уцени и притисоци не претставуваат некоја нова форма на „фашизам“ за уништување на цел еден библиски народ и неговата држава – Република Македонија.
Со свечености, комеморации, работни средби и универзитетски предавања, Македонија вчера го одбележа 9 Мај, датумот што се одбележува како Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на традиционалниот „Појадок со ЕУ“, по повод Денот на Европа, порача дека во случај Македонија да не добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ ризиците се многу, а земјите-членки треба да го имаат предвид тоа кога ќе решаваат за иднината на земјата.
Според него, ризиците се однесуваат на иселување на младите, зголемување на евроскептицизмот, поделеност на населението по сите основи, со што ќе се остави простор за ризик од тероризам, екстремизам и национализам. Османи порача дека не смее да се загуби историскиот момент што сега го има Македонија, при што 2018 година е клучна за земјата.
Евроамбасадорот, пак, Самуел Жбогар истакна дека земјата за една година успеала да постигне импресивни резултати во однос на реформите, но останува на Советот на ЕУ да ја донесе одлуката за датум за пристапни преговори.
Бугарскиот амбасадор Иван Петков, во својство на претставник на земјата актуелен претседавач со Унијата, изрази надеж дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите
Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, по предавањето на тема „Европската Унија и националниот уставен идентитет“, изјави дека неговата земја има доверба во Македонија дека таа ќе се приклучи во европското семејство.
Од друга страна, по повод Денот на победата над фашизмот се одржа свечена манифестација, со полагање венци пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“ во Скопје.
Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак, имаше свое излагање, на кое им се заблагодари на сите присутни што им оддадоа почит на овие борци, а наедно замоли и за минута молк.
– Никогаш да не го заборавиме подвигот на антифашистите, тие нѐ спасија сите нас. Денеска светот ќе беше поинаков, ќе беше свет на холокаустот. Ние, Русите, исто така длабоко го почитуваме нивниот подвиг. Им оддаваме почит на сите земји и народи што рамо до рамо се бореа заедно со нас во антихитлеровската коалиција. Вечна им слава – истакна Шчербак.
Во меѓувреме, еден од најзначајните датуми во Европа, 9 Мај, се одбележува и како Ден на Европа, бидејќи го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа. Пет години по германската капитулација, на 9 мај 1950 година, Роберт Шуман, тогашен министер за надворешни работи на Франција, го претставил својот предлог за формирање европска заедница за јаглен и челик. Овој предлог, познат како Шуманова декларација, се смета за почеток на формирањето на денешната Европска Унија. Овој датум како Ден на Европа, кој ги прославува единството и мирот на Стариот Континент, се одбележува од 1985 година.
За споменување е и фактот дека Македонија од 2005 година е земја-кандидат за членство во Европската Унија. Од друга страна, истиот ден е и важен историски датум на кој се одбележува и Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година, Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе.
Војната официјално е завршена неколку месеци подоцна, со капитулацијата на Јапонија, но во Европа овој датум се одбележува како ден на победата над фашизмот.
Но, и покрај многубројните жртви и големиот удел што Македонија го има во борбата за слобода, демократија, самоопределување, меѓународни вредности и почитување на меѓународното право, државата со години се наоѓа заробена во европските лавиринти и блокирана поради целосно апсурден, наметнат и бесмислен спор за името од страна на Грција. Со самото тоа се наметнува дилемата дали ваквите апсурдни блокади, уцени и притисоци не претставуваат некоја нова форма на „фашизам“ за уништување на цел еден библиски народ и неговата држава – Република Македонија. А.С.