Верските аналитичари сметаат дека МПЦ треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанцата што може да го додели томосот за автокефалност. Велат дека сега состојбите и на политички план во Македонија изгледаат поинаку и постои поволна клима за решавање на долгогодишниот црковен проблем, особено по промената на името на државата, како и по завршувањето на претседателските избори во земјата
Постои ли искрена намера за решавање на македонското црковно прашање или, пак, завчерашната одлука на српските владици да го обноват дијалогот со Македонската православна црква – Охридска архиепископија е само тактичка игра? Кој правец треба да го избере МПЦ-ОА и што би значело за неа враќањето на СПЦ на преговарачката маса? Овие дилеми се отворија во јавноста, по одлуката на Соборот на Српската православна црква, која дојде во ист период кога и Вселенската патријаршија го стави македонското црковно прашање на дневен ред за разгледување и решавање.
Верските аналитичари сметаат дека МПЦ треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанцата што може да ѝ го додели томосот за автокефалност. Велат дека сега состојбите на политички план во Македонија изгледаат поинаку и постои поволна клима за решавање на долгогодишниот црковен проблем, особено по промената на името на државата, како и по завршувањето на претседателските избори во земјата. Посочуваат на три опции што сега Вселенската патријаршија може да ги спроведе, од кои првата би била најповолна за МПЦ, односно ВП сама да одлучи да издаде томос за автокефалност за МПЦ, со втората ВП да го даде томосот за автокефалност, под услов МПЦ и СПЦ да ги одмрзнат заладените односи, и третата опција е ВП да побара согласност од СПЦ за да издаде томос за автокефалност на МПЦ.
Во таа насока и верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека што и да се случува во меѓувреме на релацијата меѓу МПЦ и другите православни цркви, сепак последната инстанца за доделување автокефалност е Вселенската патријаршија.
– Канонскиот ред е тој и кон него треба да целиме. Значи Вселенската патријаршија е таа што треба да го даде томосот за нашата автокефалност – додава Мојановски.
Според него, не е лошо да се преговара и со СПЦ, но досегашното искуство, како што вели Мојановски, оди во насока дека Српската црква немала искрени намери и дека би направила сѐ да не се реши проблемот.
Познавачот на црковните прашања, Бранко Ѓорѓевски, пак, смета дека ваквата одлука на СПЦ е тактички потег за превенирање на одлуката од Вселенската патријаршија, која пред неколку дена издаде клучна одлука и го стави на дневен ред за разгледување македонското црковно прашање.
– Со ова СПЦ сака да даде аргумент против ВП, пред другите православни цркви дека таа не може да се вмешува во ситуации меѓу други цркви и да го решава прашањето на МПЦ. Но сметам дека вселенскиот патријарх нема да се обесхрабри и нема да излезе несериозен кон МПЦ – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, познати се ставовите на СПЦ, а меѓу СПЦ и МПЦ со години има замрзнати односи.
– Од тие причини се сомневам дека нешто позитивно би можело да придонесе повторната одлука за дијалог меѓу двете цркви. Можеби МПЦ не треба да ја одбие комуникацијата со СПЦ, но примарно е што ќе одлучи Вселенската патријаршија за МПЦ – додава Ѓорѓевски.
МПЦ ќе одлучи дали ќе разговара со српските владици
Владиците на МПЦ вчера не сакаа да даваат предвидувања за можните случување по одлуката на Српската црква и дали и како би се рефлектирало тоа врз одлуката на вселенскиот патријарх. Г. Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вчера кратко изјави дека официјалниот став по овие прашања Синодот ќе го оформи, откако на писмено ќе ја добие одлуката на СПЦ.
– Засега не би сакал да давам никакви предвидувања. Синодот на МПЦ ќе заседава и тогаш ќе се оформи јасен и прецизен став, кој ќе го споделиме со јавноста – посочи г. Тимотеј.
Вартоломеј е на потег
Во интервјуто дадено неодамна за српска „Политика“, вселенскиот патријарх не дава конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ-ОА. Тој посочи на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние што ги има Српската православна црква со црквите во Македонија и во Црна Гора. Но истакна и дека нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба. Рускиот патријарх Кирил, пак, исто така во интервју за „Политика“, рече дека оваа изјава на патријархот Вартоломеј значи дека тој има намера да го спроведе „украинскиот рецепт“ и во Македонија.