Преспанскиот договор, кој е составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија
Гордана Сиљановска Давкова
Да потсетам на изјавата на данскиот министер за надворешни работи, Уфе Елеман Јенсен, кој во својство на претседавач на ЕЗ, во 1992 година изјави дека прашањето за признавање на Република Македонија е црно петно на совеста на Европа. За жал, 27 години потоа, истово го повторува прочуениот оксфордски професор Џејмс Петифер, укажувајќи дека ЕУ и НАТО доживеале морален банкрот во случајот на Република Македонија, врзани за склучувањето/наметнувањето на Преспанскиот договор и дека секој пристоен граѓанин на Република Македонија би требало да го одбие.
ИМА ЛИ ЛИЧЕН ДОКУМЕНТ ВО ЕУ СО ВАКВО РЕШЕНИЕ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО??
Во став 3 под б) се вели дека државјанството на „Втората страна“ ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и како такво ќе се внесе во сите патни документи, наместо сегашното: Nationality/Macedonian! Се наметнува прашањето зошто покрај „македонско“, ќе стои објаснување /„граѓанин на Република Северна Македонија“? Неоспорно е дека поимот „граѓанин“ се појави по Француската револуција и го супституираше поимот „поданик“ што егзистираше во феудалното општество, означувајќи индивидуа со определени права и обврски кон државата.
Сепак, во француските лични документи зад „nationality“ стои „француско“, а не „граѓанин на Франција“. Државјанинот е индивидуа со права и обврски кон државата, добиени по основа на раѓање (ius soli), крвно сродство (ius sanquinis) или преку натурализација, а граѓански права понекогаш имаат и недржавјани. Во оваа смисла, во некои држави, врз основа на рамковна конвенција на Советот на Европа, им се овозможува учество на локални избори на лица со подолг престој во земјата. Тие не се државјани на таа земја, но сепак, учествуваат во локалниот политички живот.
Ај да не измислуваме пак „оригинални решенија“! The European Convention on Nationality во текстот го користи терминот „nationality“, а во членот 2, под а) „државјанството е правна врска меѓу поединецот и државата и не го означува етничкото потекло“! Поседувањето државјанство на една држава е претпоставка/предуслов за уживање граѓански права. „Државјанство е општа именка и се однесува на сите државјани на Република Македонија, без оглед на етничката припадност“. Личните документи на граѓаните не се толковни речници, па да има тараби и експликација во „сингулар“/граѓанин на Република Македонија!! Во официјалните документи секогаш се посегнува по најкусото можно решение.
Ама ако намерата ви е секаде и секогаш да ја осуетите реалната „опасност“ од можна асоцијација на македонска нација, ќе измислувате непознати „европски“ административни решенија!! Ако во грчките патни документи, зад „nationality“ стои „Greek“, како што стои и во сегашните македонски пасоши, зошто би ги менувале? Овој страв има грчко потекло, зашто Грците ја познаваат синтагмата „Грци по род“, а претседател на Грција, може да биде само граѓанин со грчко потекло по таткова линија. Во случајов нема потреба од никакво разграничување зашто не постои државјанство на Централна, Источна или на Западна Македонија, области во соседна Грција, туку „Greek nationality“! Грците ја користат секоја можност за „осуетување“ на каква било асоцијација на македонската нација, иако грчкиот народ и грчката нација се многу пати споменати во грчкиот устав и напишани со голема буква, а во македонскиот устав, македонскиот народ е само двапати споменат: првпат, во Преамбулата и вторпат, во членот 36!! Историски факт е дека во југословенската терминологија, а по нејзин модел и во македонската, зборот „националност“ означуваше и етнос. Во оваа смисла го чувме „соломонското“ решение на г. Села, по зборот „nationality“ да стои: Macedonian, Albanian, Turk… a зад тарабата, да остане дескрипцијата: граѓанин на Северна Македонија! Каде е тука државјанството? Го нема, зашто г. Села не е државјанин на Албанија, а ако има двојно државјанство, тогаш во албанскиот пасош му пишува „албанско“, а во македонскиот: македонско!! Така е секаде во ЕУ и во светот, па зошто кога „засипнавме“ од повикување на ЕУ, да отстапуваме од нејзините стандарди, а таа да го одобрува тоа???
Дека уникатноста на решението не е случајна, покажува говорот на грчките политичари, креатори на истото тоа. Г. Коѕијас и г. Ципрас објаснуваат дека Договорот не го признава етносот/нацијата, туку само правото на сeбеидентификација на граѓанинот како индивидуа, „заборавајќи“ дека покрај индивидуалното самоопределување, ОН, како Организација на ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ го признава и колективното, она на народот!! Впрочем, неодамна, премиерот Ципрас во Европскиот парламент, на прашањето од грчкиот пратеник за Преспанскиот договор, победнички потенцира дека наместо во пасошите на соседот, под Nationality, да стои, како што е сега, Macedonian, ќе стои и „граѓанин на Република Северна Македонија“!! Доби „европски“ пратенички аплауз!
По мене, во ера на европеизација, неевропски е постојното европско, македонско решение: Nationality/ Macedonian, да се деевропеизира, во име на „европеизацијата“ и евроинтеграцијата!!
ЗАРЕМ СО ДОГОВОР СЕ ПРИЗНАВА ЈАЗИК, АМА СО ДОДАВКА?
Во став 3, под в) се вели дека „официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонскиот јазик“, небаре јазик се утврдува со политички договор и се признава од друга држава!! Но, повторно следува „оригинална“ дополна/експликација во членот 7 дека се работи за јужнословенски јазик!! Заради „оправдување“ на „компромисот“ пред грчката јавност, премиерот Ципрас, објаснува дека „отстапката“ не е негова, туку се работи за наследено решение од Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња од 1977 год., како што е во опишано во членот 7, став(3) и (4) односно за „грешка/пропуст“ на грчката десница, сторена тогаш!! Каков „пријателски, добрососедски“ говор на потсвеста.
Како што веќе споменавме, македонскиот јазик како службен јазик е утврден со Решение на АСНОМ и како таков егзистира во сите устави на Република Македонија, но и на Федеративна Југославија, од оној во 1946 до тој во 1974 година!! Впрочем, под притисок на Лигата на народите, по Договорот од Севр, Грција, во рамките на обврската да се грижи за малцинствата, го отпечати АБЕЦЕДАРОТ за „славо-говорното малцинство“ (еуфемизам за македонското малцинство) во 1925 год., на народен македонски јазик од прилепско-битолско-лерински дијалект, намерно со латинично, а не со кирилско писмо, кој, за жал, никогаш нема да стигне до македонските деца, зашто неговата примена би значела признавање на македонскиот народ и јазик!!
Колку чудна е радоста на некои македонски политичари дека конечно Грција го признала македонскиот јазик!! Што доживеавме ние Македонците: на толку македонисти, лекторати во странство (кои, за жал, се редуцираат, па и затвораат од „финансиски“ причини), семинари на македонски јазик, тони книги на македонски јазик, традиција на Охридскиот семинар за македонски јазик и слава на „Струшките вечери на поезијата“, регистриран македонски јазик во ОН, да се фалиме дека Грција ни го признала со Договор и да се фалиме, небаре во 1944 година сме!! Ама сега, политичари во улога на лингвисти „откриваат“ дека ѝ припаѓал на јужнословенската група јазици, а не на „античко-македонската“ и „хеленската“.
МОЖЕ ЛИ СО ДОГОВОР ДА СЕ УТВРДИ ЗНАЧЕЊЕТО НА ТЕРМИНИТЕ „МАКЕДОНИЈА“ И „МАКЕДОНСКИ“?
Во став 3, под г) се вели дека термините „Македонија“ и „македонски“ ќе го имаат значењето дадено во членот 7, што е мешање во суверените права на Република Македонија, зашто идентитетските прашања не може да се предмет на меѓународен договор, ниту на билатерален, како право на секоја нација, па и на македонската. Националниот идентитет е социјална и политичка конструкција, а македонската држава е неизбежен, ноторен факт, а fait accompli. Во грчкиот устав (член 1), став (3) е утврдено дека сета власт извира од Народот и постои за Народот и за Нацијата. Сите грчки политичари, вклучувајќи го и премиерот Ципрас, пред, но и по потпишувањето на Преспанскиот договор, пишуваат и изјавуваат дека не ги признале народот и нацијата, туку само индивидуалното право на секој граѓанин на Северна Македонија на самоопределување!!
Ако на ова се додаде непризнавањето на македонското малцинство во Република Грција, откажувањето, со Спогодбата со Бугарија од македонското малцинство како и барањето за повторно менување на членот 49 од Уставот, се наметнува дилемата дали Грција навистина го признава македонскиот народ, зашто, ако нема македонско малцинство во Грција и Бугарија, (иако во обете земји било регистрирано во импресивни бројки на пописите) „ќе има ли“ тогаш Македонци, односно македонски народ и македонска нација во Република Северна Македонија, или македонскиот народ „со договорниот инженеринг“, по кој ќе следува и уставен, кој нема да се однесува само на „преспанските непознати амандмани“, туку и на „(не)познатите и (не)најавени амандмани на коалициските партнери на СДСМ, за кои гласови доаѓаат не само однатре, туку и однадвор, како УСЛОВ за гласање. Да не исчезне македонскиот народ од Преамбулата, а со него и правото на самоопределување, претопен во „природниот“ „мултикултурен коктел“, опкружен со силни држави од типот на нација-етнос, националистички држави, кои отворено и континуирано се мешаат во нашите внатрешни работи, небаре „terra incognita“ (ничија земја) сме, во духот на (Не)Среќна Нова 1913!
КОДОТ НА РЕГИСТАРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ
Во став 3, под д) се утврдува дека кодот на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде СМ (Северна Македонија) или СМК (Северна Македонија)!! Уште едно директно мешање во внатрешните работи на Република Македонија (во согласност со деноминацијата и реноминацијата), во нејзиниот политички, правен и административен систем, спротивно на меѓународното право и националното уставно право. И во поглед на овие ознаки, сведоци сме на манипулација дека си останува МК, но всушност, МК станува СМК!! Па, „слично е“, зарем не, ама и „малку“ различно?! Така, по странските патишта ќе треба да им објаснуваме на љубопитните: која е таа нова, убава земја „Северна Македонија“, која во СФРЈ беше најјужната република, а до 1987, на југ од неа се наоѓаше „Северна Грција“. И за географ е тешко да разбере, а камоли за правник!? Лесно е да кажеме дека логично е на таблиците да стои кодот што е природно врзан за новото име, ама под политички притисок е!!
(продолжува)