Откога голем број уживатели во никотинот низ светот во изминативе децении со соочија со законски ограничувања, спасот, меѓу другото, го побараа и во електронските цигари, за кои СЗО утврди дека се „неоспорно штетни“ и дека треба да се регулира нивната употреба
Неколку смртни случаи во САД во изминатиов период се поврзуваат со употребата на електронски цигари, а предупредување за нивната штетност по здравјето упати и Светската здравствена организација, која бара регулирање на нивната употреба.
Од овој проблем директно се засегнати и македонските граѓани, кои по воведувањето на Законот за заштита од пушењето во 1995 година, особено по неговата ригорозна примена од пред десет години, почнаа сè почесто да ги користат електронските цигари како алтернатива за вистинските.
Преку интернет-страниците, во поголемите трговски центри, но и во некои продавници низ земјата може да се нарача и да се купи овој уред, како и дополнителната опрема, а цените се движат од 1.000 денари па нагоре.
Најстрасните пушачи први ја прифатија оваа технологија, како решение за честото напуштање на работното место поради паузите за цигара.
– Користам електронска цигара неколку години. Јас сум преведувач и работата ми е врзана за канцеларија, а истовремено сум и страстен пушач. Поради природата на работата и временските рокови, едноставно не можам на секои 15 минути да излегувам на пауза, па се решив на овој потег – вели Даниел Стојковски.
Тој додава дека електронската цигара не е како вистинската, но дека му помага полесно да ги надмине кризите и да ги намали паузите.
Според експертите, при користењето на електронските цигари во организмот се внесуваат токсични супстанции опасни по здравјето.
– Истражувањата покажуваат дека е споредливо влијанието на никотинот од обичните цигари со оној од е-цигарите. Освен никотин, е-цигарите содржат токсични и карциногени супстанции, кои се споредливи со оние од обичните цигари. Уште повеќе, зависноста од е-цигарите е многу понагласена – вели академик Нада Поп-Јорданова, педијатарка и психолог.
Таа додава дека постои поголем ризик по здравјето ако е-цигарите ги користат млади луѓе.
– Иако е-цигарите кај возрасните се некаков начин на одвикнување од конвенционално пушење, студиите покажуваат дека кај младите тоа е обратно: никотинската зависност станува поголема кога се користат е-цигарите. Уште поважно е дека една е-цигара содржи никотин колку едно цело пакување конвенционални цигари – истакнува академик Поп-Јорданова.
Таа понатаму наведува дека електронските цигари содржат бензоична киселина, која предизвикува кашлица, суво грло и абдоминална болка.
Од друга страна, производителите на овие е-цигари тврдат дека тие не се штетни и се повикуваат на странски испитувања во кои се наведува дека супстанциите во овој вид цигари се со минимален ризик по здравјето.
Сепак, СЗО, во извештајот презентиран во Рио де Жанеиро, наведува дека електронските цигари се „неоспорно штетни“ и треба да се регулира нивната употреба.
– Со користењето електронски цигари се вдишуваат испарувања настанати со греење на висока температура на течноста во електронската цигара, а таа течност најчесто содржи никотин – предупреди СЗО.
Популарноста на овие цигари порасна од нивното појавување на пазарот кон средината на новиот милениум, особено меѓу младите, поради што расте загриженоста меѓу здравствените власти низ светот дека токму младите би можеле да се навлечат на никотин во иднина.
– Експонирање никотин кај адолесцентите предизвикува специфично однесување забрзувајќи ги моторичките активности, додека кај возрасните тоа дејствува обратно. Исто така, кај адолесцентите никотинот предизвикува промена на нивото на серотонин (невротрансмитер што е битен за чувството на среќа и задоволство). Така, опишана е појава на силна анксиозност, иритабилност и склоност кон нагли испади на бес кај 15-годишен корисник на електронски цигари – вели академик Поп-Јорданова.
Прашањето за штетноста на е-цигарите останува и натаму отворено, а сè почести се предупредувањата од разни лекарски кругови дека тие содржат токсични материи. Факт е дека ниту обичните цигари не се ништо подобри за здравјето, па најдобра опција за сите, особено за младите, би било кога лошите навики би се замениле со нешто проверено и здраво.