По повод 7ми мај, Денот на македонската полиција, министерот Оливер Спасовски се обрати со видео порака до припадниците на Министерството за внатрешни работи.
-Пред две години мојата цел како министер беше да го вратам угледот на министерството и да им овозможам на вработените чесно и одговорно да ги извршуваат своите работни задачи. Изминативе две години како министер во Владата на Република Северна Македонија се залагав за решавање на сите наталожени проблеми со кои вие се соочувавте во годините претходно- рече Спасовски.
Заедно со пропадниците на МВР, истакна министерот, се надминале дел од проблемите и со тоа се отвариле нови можности за постигнување уште поголеми резултати во периодот кој следи.
-Горд сум што и покрај сите негативни случувања во минатото, во ова министерство работат професионалци кои непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и секојдневните потреби на граѓаните.
Министерот во видео пораката истакна дека во декември 2018 година се исплатни покачените плати за 4.900 полициски службеници, за кои на годишно ниво се одвоени 79 милиони денари.
-И во периодот пред нас продолжуваме со подобрување на условите за работа, продолжуваме со реновирањето на полициските станици. Набавката на униформи да стане редовна активност, а не исклучок. Специјализираните оддели да бидат опременувани со модерна опрема со која ќе можат подобро да ги извршуваат своите работни задачи. Да не заборавиме наш партнер се и граѓаните. Сакаме да бидеме близу до нив, да превенираме и да ја зголемиме безбедноста на граѓаните и затоа ја воведовме позорникарската служба. Полицајците позорникари ја зголемуваат безбедноста во населените места, ја зајакнуваат борбата против криминалните појави, а со ова ја зголемуваме и довербата во полицијата.
Во следниов период, вели министерот, ќе се работи и на системско решавање на функционалните проблеми и ќе се зајакне институционалниот и административен капацитет на министерството. И во иднина, приоритет останува заштитата на безбедноста и сигурноста на државата и граѓаните.