Заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и Еврокомесарот задолжен за миграции, Димитрис Аврамопулос го потпишаа Аранжманот за спроведување на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот во Западен Балкан.
На прес-конференцијата по повод потпишувањето, министерот Спасовски нагласи дека Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот е израз на заложбите за заедничко дејствување, истовремено отварајќи ја вратата за поинтезивна соработка.
– Во фокусот на нашето заедничко дејствување како приоритети ги поставивме: ефективната размена на информации и зајакнување на оперативната соработка, подобрување на капацитетите за справување со терористичките содржини на интернет, како и понатамошно јакнење на капацитетите за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот. Како особено значајна за нашата држава би ја истакнал и поддршката на Европската Комисија во градењето на концептот на заштита за критичната инфраструктра, како една од приоритетните цели содржани во Заедничкиот акционен план – истакна Спасовски.