Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција најостро ги демантираше сите шпекулации за наводните киднапирања на луѓе во државава.
-Најостро ги демантирам шпекулациите за исчезнати лица. Ги отфрлам шпекулациите за киднапери и препродажба на човечки органи. Со тоа се наштетува на општеството и граѓаните. Во Mакедонија нема ниту еден случај на убавиство поради вадење на органи. Апелирам до граѓаните да не наседнуваат на ваквите лаги и наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Во 2018 имало 370 пријави за исчезнати, а во 2014 година, 574 исчезнати. Денеска МВР е транспарентна инситуција.
Спасовски истакна дека редовно се објавува се што се случува и тоа го има веб страната на МВР. Секој граѓанин може секогаш да ја провери информацијата.
-Да ги проверуваат информациите и да не придонесуваат во ширењето паника и вознемиреност. Во континуитет пронаоѓањето на исчезнати лица е 94 отсто. Како родител, сочувствувам со секој родител чие дете исчезнало. Сакам да кажам дека овие истраги се третираат со целосна сериозност и посветеност и потребно е повеќе време за резултати. Тоа не значи дека не водиме грижа. Не помагате со ширење лаги на блиските чии исчезнале. За жал некои завршуваат со самоубиства- истакна Спасовски.
Затоа, рече министерот Спасовски и сподели сет на препораки што можат да помогнат во случаи на исчезнати лица.
Тие препораки се:
-Доколку некое лице исчезне, контактирајте ги сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице,
-Соработувајте со полицијата, дајте ги сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начин на однесување во блиското минато,
-Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, неговите видувања за идни планови,
-Не сокривајте информации од полицијата, бидете достапни
Обезбедете фотографија и дозволете и на полицијата да ја сподели со јавноста,
-Обратете се во најблиската полициска станица, полицискиот службеник за прифат или инспекторот по потраги ќе ги земе сите податоци кои се потребни,
-Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и страдаат од болести заради кои ја губат способноста за осознавање, не ги оставајте без придружба и надзор.
-Додека проактивно ги адресираме овие препораки за да можеме да превенираме идни случаи од овој тип, мора да истакнеме дека полицијата активно и посветено работи на истрагите за сите тековни случаи на исчезнати лица. Ширењето на страв и лажни гласини не помагаат никому, а најмалку на фамилиите кои имаат празно место на масата. Дозволете, без шпекулации и ширење лаги да ја работиме нашата работа за да ги донесеме тие граѓани дома кај своите блиски или побрзо да ги решиме случаите- рече Спасовски.
Спасовски не сакаше да коментира многу за тоа кој стои зад ширењето на дезинформациите, но кажа дека најчесто тоа се прави од политички побуди.
– Очигледно е дека во тоа учествува некоја структура на луѓе која пласира лажни информации. Најчесто се од политички побуди, можеби и од некакви други интереси кои се во делот на пласирањето информации. Јас кажав и пред неколку дека е многу лесно да седнете пред компјутер и да напишете било што со тоа што во јавноста ќе кренете паника. За последниот случај поранешен вработен во МВР, поранешен началник, имаше статус со тотална измислица и лага на тој начин се добиваат информациите кои ги пласираат дел од новинарите и порталите – рече Спасовски.