Премиерот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на свеченото отворање на командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) и 21-годишнина од формирањето на СЕЕБРИГ, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
Спасовски истакна дека денеска граѓаните на Република Северна Македонија се гордеат со уште едно значајно постигнување, во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и земја домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа.
– Од денеска е активна командата на Бригадата на Југоисточна Европа во простории во касарната во Куманово каде што е и Командата за операции на нашата армија. Сите подготовки беа навреме направени и завршени според највисоките НАТО-стандарди, и со тоа се создадени услови за 50 високи офицери на земјите членки на НАТО и на иницијативата СЕЕБРИГ, од кои 10 офицери се од нашата армија, да ги исполнуваат своите оперативни задача – потенцира премиерот Спасовски.
Тој објасни дека Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција а локација на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.
– Со командата на СЕЕБРИГ во Куманово, Република Северна Македонија добива признание за одлучното и посветено исполнување на стандардите на НАТО, и за придонесот кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот со учеството на повеќе од 4.000 припадници на АРСМ кои беа дел од меѓународните мисии – кажа Спасовски.
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека имаме двојна причина за гордост, првата е фактот што Република Македонија е всушност родното место на СЕЕБРИГ, а втората е коинциденцијата кога стануваме нација домаќин на СЕЕБРИГ е истата година кога станавме и членка на НАТО.
– Ова е исклучителен успех за нас. Ја истакнува одговорноста на Република Северна Македонија во зголемување на своето влијание во станување релевантен фактор на регионалната стабилноста и соработка. Не само преку присуството а СЕЕБРИГ, туку и преку проширувањето на нашето учество во интернационалните мисии на НАТО и придонес и во мисијата на КФОР – истакна министерката Шекеринска.
На свеченоста се обрати и претседавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, а потоа се изврши примопредавање на должноста командант на бригадата помеѓу досегашниот командант, бригаден генерал Тудорика Петраче и бригаден генерал, Аристедеис Илиополус.