Во општина Прилеп, училишното ѕвонче во сите основни и средни училишта, освен
во гимназијата „Мирче Ацев“, каде што наставата ќе се одвива онлајн поради реконструкција на зградата, го означи почетокот на новата учебна година. Најрадосни беа 668 првачиња кои за првпат седнаа во училишните клупи.
Централната манифестација по повод новата учебна година се одржа во ОУ „Рампо Левката“ каде првачињата беа пречекани со песнички од нивните повозрасни другарчиња, ученици. Во ова училиште ќе учат 58 првачиња распределени во четири паралелки. Според сите протоколи за заштита од коронавирусот, првачињата влегоа во
училницата, каде беа пречекани од учителките и добијаа пригодни подароци. Во класот
на учителката Анета Мицеска беше ведро и весело. Учениците со љубопитност ги следеа нејзините укажувања, а при тоа таа им запеа песничка, порачувајќи им дека од утре натаму ќе се дружат, ќе учат и ќе стекнуваат нови сознанија. Надвор, на отворено упатства добиваа и родителите.
Вкупно настава, заедно со првачињата, во основно образование во Прилеп ќе посетуваат 6.287 ученици, а во средно образование 3.295. Сите со физичко присуство.
Општината, вели Каролина Николоска, советник за образование во општината, за новата учебна година набави нагледни средства во сума од 36 милиони денари, додека за подобрување на училишната инфраструктура вложи околу 60 милиони денари. Ка.М.