Со проекција на филмот „Тајната на дрвјата“ од Лик Жаке во Скопје в четврток ќе бидат одбележани 57 години од потпишувањето на Елисејскиот договор помеѓу Франција и Германија.
Настанот е во организација на амбасадите на Франција и на Германија во Скопје. Проекцијата ќе се одржи во Кинотеката со почеток во 19 часот на 23 јануари.
Темата на филмот е џунглата како еколошки систем. Врз основа на густите шуми во Франција, Перу и Габон, се погледнува во историјата на еволуцијата, но, исто така, се упатува на опасноста што се крие во иднината доколку природата не се заштити соодветно.
Со потпишувањето на Елисејскиот договор на 22 јануари 1963 година помеѓу претседателот Де Гол и канцеларот Аденауер, Република Франција и тогашната Сојузна Република Германија го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на посебно пријателство и соработка кое трае веќе 57 години. Со тоа започна една извонредна билатерална соработка помеѓу двете држави, практично во сите области: политика, одбрана, економија, младина и образование.
Елисејскиот договор се спроведува преку редовни средби на владино ниво, но и на ниво на администрациите на двете земји, кои редовно применуваат заемна размена на државни службеници и воспоставија меѓуминистерска комисија за соработка. Постојат голем број збратимени градови, а во тие рамки и соработка меѓу граѓанско-општествените организации.
Поради нејзиниот посебен карактер, француско-германската соработка игра важна улога во процесот на европската изградба, а со тоа на Франција и Германија им припаѓа и значајна улога во врска со македонското приближување кон Европската Унија. Француско-германското пријателство покажува дека надминувањето на предрасудите е можно и дека дијалогот и меѓусебното почитување на историјата, традициите, културата и јазикот на другиот претставуваат плоден развој за сите.
Воедно, со потпишувањето на Елисејскиот договор беше основана и Француско-германската младинска организација (ОФАЖ), која оттогаш поврза безброј француски и германски млади луѓе. ОФАЖ реализира проекти и во трети земји, а меѓу нив и во Македонија.