Податоците од државните институции треба да бидат отворени и достапни до граѓаните со што ќе се зголеми транспаретноста, отчетноста и довербата во институциите.
За да се постигне тоа потребно е да се подигне свеста и кај институциите и кај граѓаните за објавувањето и користењето на податоците и да се работи на зајакнување на капацитетите во институциите за да може податоците да бидат објавувани во реално време.
Мерките кои се во насока на поттикнување на отворањето и користењето на податоците се содржани во двегодишната Стратегија и Акциски план за отворени податоци за периодот од 2018 до 2020 година. Со нив се предвидува и отворање на портал за отворени податоци кој се очекува да профукционира кон крајот на август.
– Користењето на податоците ќе биде бесплатно за сите корисници. Секоја институција ќе има можност и начин да ги стави податоците кои ги произведува на располагање на јавноста така што секој ќе може да ги користи. Но, притоа треба да работиме и на капацитетите во институциите за да имаме можност податоците да бидат објавувани во реално време и кога им се потребни на граѓаните, истакна денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на презентацијата на Стратегијата за отворени податоци.
Според заменик-амбасадорот на Кралството Велика Британија, Пол Едвардс, се работи за процес во кој не е важно само податоците да се направат да бидат достапни, туку треба да бидат и разбирливи за граѓаните.
Под отворени податоци се подразбираат податоците достапни во компјутерски формат кои можат да се користат слободно, да се спроведуваат, да се редистрибуираат и да се реискористуваат од секого и секаде за секоја цел.