Со новиот образовен концепт, намерата е класичните форми на учебници да бидат заменети со дигитални форми на учебници, како и да се оди кон тоа да се користат наставни материјали, најави на денешната прес-конференција Виолета Петровска Бешка, професорка од Филозофскиот факултет и членка на работната група која ја прави новата концепција на образование.
– Отсега наставниците ќе имаат автономија да креираат или да избираат наставни материјали, а она што треба да го знаат е дека нема да биде се` насочено кон тоа да се совладува учебникот. Во однос на наставниот кадар, МОН гарантира дека ниеден наставник нема да го изгуби работното место. Концепцијата не ги загрозува наставниците. Се очекува дека ќе расте потребата од наставници, а нема да се намалува – рече Петровска Бешка.
Министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на работната група која ја прави новата концепција, денеска во Владата го го презентираа новото основно образование. Примената ќе започне од идната учебна година и тоа во прво и во шесто одделение.
Основците ќе имаат осум задолжителни предмети. Во едната група предмети ќе спаѓаат мајчин јазик, математика природни науки, општествени науки и англиски јазик. Во природни науки ќе има содржини кои досега припаѓаа на биологија, физика, хемија. Оштествени науки ќе опфаќа содржини кои традиционално досега припаѓаа на граѓанско образование, религии, етика, историја и на други хуманистичко-општествени дисциплини. Во другата група предмети спаѓаат предмети кои го покриваат уметничкото образование од кој дел се ликовно и музичко. Освен тоа, тука е предметот физичко здравствено образование како и техничко-технолошко и информатичко образование.
Новина е тоа што секое училиште мора да понуди две листи на изборни предмети – едната група се други јазици, а другата група се предмети кои досега се нарекуваа секции. Во групата на изборни се вториот странски јазик – германски, француски, италијански или руски, а сега новина е тоа што јазикот што ќе го учат нема да го наметне училиштето, туку ќе го бираат самите ученици. Албански јазик се нуди да се учи како втор странски јазик.
– Има група изборни предмети од типот на програмирање, потоа предмети кои учат на математичко и логичко резонирање. Ќе има и цртање, сексуално обраование. Освен тоа ќе има и предмети како драма, фотографија, драма, градинарство, готвење, моделарство и т.н. Меѓу изборните предмети ќе има и планинарење, пилатес, јога, велосипедизам. Слободните изборни пердмети им се нудат на децата од 1-9 одделение. Секое дете ќе може да избере по еден предмет во секое полугодие – информира професорката Петровска Бешка.