Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска во Женева учествуваше на Регионалниот форум на УНЕЦЕ 2019: Врсничко учење за одржлива иднина. Таа беше дел од панел дискусијата за раниот детски развој на која говореше за конкретните чекори што Владата ги презема за создавање квалитетен човечки капитал.
– Инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата на Република Северна Македонија, поради што годинава обезбедивме за 300 проценти поголем буџет за изградба на градинки. Секое дете треба да има ист старт во животот, а градинките да бидат пристапни за сите, бидејќи раниот детски развој е клучен за создавањето на квалитетен човечки капитал во иднина. Целта на МТСП е во следните четири години опфатот на деца кои одат во градинка да го зголеми за 50 отсто и полека да се приближуваме до европскиот просек кој изнесува 90 отсто, а тоа ќе го постигнеме само со јакнење и проширување на капацитетите, на што веќе засилено работиме. На овој начин не само што градинките ќе згрижуваат повеќе деца, туку истовремено ќе обезбедуваме и поголема застапеност на жените на пазарот на трудот, што во моментот е на многу ниско ниво- истакна Царовска.
На панел дискусијата говореше и шефицата на Кабинетот на министерката Царовска, Санела Шкријељ која оцени дека само институции кои креираат родово одговорни политики имаат основа да ги таргетираат потребите и придобивките подеднакво за сите граѓани, односно и за жените и за мажите.
– Целта на ваквите политики е токму тоа никој да не биде изоставен- рече Шкријељ.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека пред почетокот на форумот, министерката Царовска имала состанок со регионалната директорка на УНИЦЕФ Афшан Кан со која разговарала за соработката со УНИЦЕФ, раниот детски развој, социјалната реформа и процесот на деинституционализација.
На форумот во Женева учествуваа над 600 претставници од владите, граѓанското општество, академијата и приватниот сектор.