Секоја партија ќе се труди да ги партизира нашите барања, но нема да дозволиме партизација. Од 2017 година се трудиме нашиот сојуз да е далеку од политиката, сакаме само да се бориме за поквалитетен образовен систем, кажа Бленди Ходаи во денешното гостување во емисијата „Студио 10“ на „ТВ24“, најавувајќи и дека претставниците на Сојузот денеска ќе имаат средба со премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека матурантите се вратија на настава и го прекинаа бојкотот по средбите со пратениците, нагласувајќи дека уживаат поддршка од 70 претставници во Собранието. Според него, бојкотот бил прекинат со цел да нема губење на наставата.
– Лобиравме да се стави на дневен ред предлог-законот за изменување на Законот за државна матура. Денеска ќе имаме средба и со премиерот Заев. Бараме само од пратениците да најдат решение за тема која засега над 18 илјади матуранти – истакна меѓудругото Ходаи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе предлог-измени на законот за средно образование во кои се опфатени барањата на матурантите, додека од МОН во повеќе наврати истакнаа дека не можат да отстапуваат од постоечкиот концепт за државна матура, најавувајќи можност за нов концепт од наредната година. Матурантите бараа на државната матура да се полагаат два, наместо предвидените четири предмети.