Огромен број молби за донации секојдневно го преплавуваат интернет-просторот. Социјалните мрежи се преполни со барања за донации, кои се чини се единствена надеж за оние на кои најмногу им се потребни. Ваков тип помош најчесто се бара за мали дечиња, но не изостануваат ни возрасните што ја водат својата животна битка со сериозни болести.
Се отвораат жиро-сметки и броеви за донации, но и граѓаните самоиницијативно организираат разни средби, на кои собираат средства за лекување на болните што имаат потреба од финансиска помош.
Помош се бара за разни здравствени состојби. Почнувајќи од хематолошки заболувања, па до очни заболувања, но има и такви што бараат помош поради лоши животни услови.
– Секојдневно растат апелите за помош. И да сакам, не можам на сите да им помогнам. Финансиските можности ми се такви што можам да донирам еднаш-двапати месечно телефонски. Не знам што се случува и зошто е толку голем бројот на барања за донации. Дали проблемот е во државата или, пак, до граѓаните, не знам, но факт е дека ние како граѓани многу повеќе си помагаме отколку што помагаат институциите – вели Јелена Г.
Според познавачите на здравствениот систем во Македонија, причина за побарувањето донации е фактот што некои од болните што чекаат одобрување за лекување во странство од Фондот за здравствено осигурување, треба да чекаат извесен период, а не сакаат да чекаат, па полесно им е на овој начин да ги соберат финансиските средства.
– Во ситуации кога лекувањето во странство е одобрено, најблиското семејство нема средства да престојува во странство за да биде во придружба на болното лице, па и поради таа причина се бараат донации. Донации исто така се бараат и кога не се задоволни од клиниката или докторот за услугата што може да се изврши во земјава, па одлучуваат да заминат на лекување во странство, за што најлесно е да се побараат донации. Меѓутоа има и такви што бараат донации за алтернативни видови лекувања, за алтернативни лекови и слично – вели познавач на здравствениот систем, кој сакаше да остане анонимен.
Тука се и барањето финансии за плаќање сметки за струја, вода и слично. И таквите донации, како што велат граѓаните, доста често знаат да се лажни, односно некој да бара помош, а кога некој ќе понуди на пример помош во форма на храна, „засегнатите“ ја одбиваат.
Според психолозите, причината за сѐ поголемиот број баратели на донации лежи во фактот што условите за лекување, техничката и кадровската екипираност во јавното здравство не се добри.
– Има многу малку лекари и тие или не сакаат или немаат доволно време за да разговараат со пациентите за сите можности за лекување. Од друга страна, лекувањето во приватни болници е скапо, па кога веќе плаќаат, луѓето претпочитаат интервенциите да бидат направени во странски болници, каде што има многу подобри услови за лекување – смета психологот Лидија Зорба.
Доколку некое лице се соочи со болест што во Македонија не може да се лекува, може да добие болничко лекување во странство на товар на Фондот за здравствено осигурување. Во тој случај осигуреникот ќе биде упатен во земјата каде што тој ќе има можност за успешно лекување.
Бројот на барањата за лекување во странство за 2017 година е намален во споредба со 2016-та, кога изнесувал 353. Минатата година тој изнесувал 327, додека бројот на извршени лекувања е зголемен од 209 на 219.
Она што е познато од годишниот извештај за 2017 година на ФЗОМ е дека најголем број лекувања во странство, односно 39, се реализирани за заболувањето тоарил, потоа следуваат 36 хематолошки случаи и 33 други заболувања.
Од земјите во кои испраќаат ваквите случаи, Турција е најчестата дестинација. Дури 87 лица биле испратени во оваа земја. Во Германија биле испратени 37 лица, додека во Србија 20 лица.
Изминатата година ФЗОМ потрошил околу 400 милиони денари за лекување во странство.