Наместо договореното зголемување на платите во високообразовните институции, за десет отсто започнувајќи од јануарската плата, се формира нов синдикат
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) е разочарaн од институциите на системот, кои, како што стои во соопштението, на директен или на индиректен начин влијаат врз неисполнување на договорот помеѓу Министерството за образование и наука (МОН) и СОНК за зголемување на платите во високообразовните институции, за десет отсто започнувајќи од јануарската плата 2020 година.
– Непобитен е фактот дека Министерството за образование и наука требаше да го реализира договореното зголемување на платите за десет проценти од јануари 2020 година. Доколку ова договорено зголемување не можело да се реализира поради законски или други пречки, МОН требаше најпрво да разговара и да најде решение заедно со СОНК, како договарач со МОН, но, пред сѐ и поради докажаната репрезентативност на национално ниво, во дејноста образование – тврдат од СОНК.
Наместо тоа, како што објаснуваат оттаму, Министерството и ректорите на државните универзитети иницираа формирање нов универзитетски синдикат за да обезбедат репрезентативност.
– Ваквите дејства, според нас, се спротивни и на нашите закони, но и на меѓународните конвенции, каде што многу децидно се укажува дека работодавците не смеат да влијаат во организирањето и дејствувањето на синдикалните организации. Дејание без преседан, со елементи на кривична одговорност – оценуваат од СОНК
Од СОНК го гледаат решението во спојување на СОНК и на Независниот академски синдикат (НАкС) и на тој начин да се потпише колективен договор на ниво на работодавец.
– Но наместо тоа, денес сме соочени со неизвесноста на носење измени на Законот за плати, со оглед на скорашното распуштање на парламентот, а со тоа и со неможноста за зголемување на платите во високото образование. Не смееме да го заборавиме и фактот што СОНК и МОН во изминатиот период имаа одличен партнерски однос, а со нереализирање на веќе договореното, се нарушува воспоставената рамнотежа помеѓу двата социјални партнери – велат од СОНК.
Оттаму истакнуваат дека вработените во високообразовните институции се крајно разочарани од ваквиот однос на институциите.
– Овие вработени најмалку го заслужуваат тоа, вработените имаат убедливо најниски плати во регионот, а да не зборуваме за Европа. Но, исто така, јасно е дека ваквата постапка кон нив нема да биде заборавена и тие на свој сопствен начин ќе им се оддолжат на оние што, според нив, го направија ова – порачуваат од СОНК.