Вработените во образованието заслужуваат многу поголеми плати отколку зголемувањето од пет проценти кое наставниците во основно и во средно го добија во септември и повторно ќе го добијат наесен, смета Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК.
-Бараме да се зголемат платите за онолку проценти колку што на национално ниво е зголемена минималната плата – рече Неделков по средбата со министерот Арбер Адеми, на која побарал социјалниот дијалог да се крене на највисоко ниво за Синдикатот да придонесе во подготовката и донесувањето квалитетни закони.
Неделков нагласи и дека во реформирањето на нивоата и видовите образование важно е да се заштитат наставниците од технолошки вишок, особено во средното стручно образование за кое реформите треба да се применуваат од идната учебна година.
-Се обидуваме да придонесеме и да не дозволиме да има технолошки вишок. Ако има социјален дијалог на највисоко ниво, тогаш ниту еден вработен во дејноста образование нема да остане без работа, т.е. без час – рече Неделков по средбата, на која, како што рече, се договориле со МОН да ги интензивираат разговорите за да се направат добри нацрт-закони.
Во остварувањето на таа цел СОНК има поддршка и од Европската конфердерација на синдикални организации, која има повеќе од 13 милиони членови од 132 држави. Според директорката Сузан Флокен, за квалитетно образование се важни платите на наставниците, но и нивната обука и постојан професионален развој. За да биде привлечна наставничката професија во неа треба да се вложува и таа да се поддржува, а важна улога во тоа има социјалниот дијалог.
Министерот Адеми посочи дека МОН е отворено за сите прашања што го засегаат СОНК и наставниците. Истакна дека работат на две компоненти – едната се платите, кои и овој септември ќе бидат зголемени за пет проценти, а првпат покачување наесен ќе добијат и вработените во високото образование, а истовремено, рече, работат и на подобрување на статусот на наставниците во општеството и враќање на достоинството што тие порано го имале. За оваа цел, рече Адеми, имаат тесна соработка со домашни и со меѓународни партнери.