ПО 18 ГОДИНИ ОД МАСАКРОТ КАЈ КАРПАЛАК

Карпалак, 18 години потоа, не е само прилепски туку и македонски непребол. Она што најмногу ги боли преживеаните бранители е тоа што како држава не сме извлекле поука од масакрот. Дека и денес има примери на предавство, сметаат нашите соговорници

Денеска, осми август 2019 год, се навршуваат 18 години од масакрот кај Карпалак во кој животот го загубија десетмина прилепски бранители од резервниот состав на касарната „Мирче Ацев“. Згаснаа животите на млади луѓе – Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, кои заминаа да го бранат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија во тогашната „воена криза“. Овој ден длабоко и болно е врежан во новата историја на Прилеп, но сѐ уште и по толку години е непознаница зошто загинаа бранителите. И покрај апелите на преживеаните од Карпалак да се открие вистината, сепак сѐ уште ништо не се знае за овој трагичен настан. Во меѓувреме, и по толку време, не стивнуваат претпоставките и тврдењата дека се работело за предавство.

Загубата на човечки животи со годините стана поболна не само за преживеаните туку и за нивните семејства, зашто велат дека тие беа на вистинскиот пат, одеа да застанат на првата борбена линија за да ја одбранат својата земја. Речиси сите преживеани, но и семејствата, и по толку години сметаат дека овој чин е предавнички.
Еден од преживеаните и ден-денес се сеќава на зборовите што ги кажал, а се запишани во книгата „Вистината за Карпалак“.

– Заседа беше… Заседа добро планирана од мрачни сили што и ден-денес, за жал, ги имаме во Македонија. Дали информациите беа достапни до албанските терористи? Дали бевме предадени? Зошто немаше пунктови на МВР? Сметам дека треба некој да одговори на овие прашања – вели тој.

Истакна дека Карпалак нема да биде заборавен, како и десетте херои што го дадоа најдрагоценото – животот. Но го боли тоа што како држава не сме извлекле поука од масакрот. Дека и денес ни се случува предавство не само на државата туку на сѐ што е македонско.

Друг преживеан го дава истото сведоштво.
– Нема дилема заседа беше! Нѐ чекаа и знаеја кога и како ќе дојдеме. Предадени бевме. На нас се пукаше од двете страни! Како да се одбраниме, како да им возвратиме?!… Боли… Болката повеќе пече, зашто има само една вистина за овој настан… Бевме предадени – вели еден од преживеаните, кој во разговор со нас исто истакнува дека го пече и го боли она што се случува сега во земјата.

И по 18 години, преживеаните бранители од Карпалак бараат одговори на истите прашања: „Кој и зошто ги уби нашите соборци? Кој нѐ нападна? Зошто сѐ е мистерија? Зошто згаснаа млади животи?“

И авторката на овие редови, како новинарка, се сеќава нa тој осми август, 2001 година. Беше среда, врел жежок ден. Утрото стотина бранители со два автобуса заминаа кон Тетово, но, за жал, не стигнаа до нивната дестинација. Само што замина, по два часа низ градот се пренесе веста дека конвојот бил нападнат кај Карпалак, дека има загинати, повредени. Вонредна состојба во градот, плач, лелек додека се потврди кои се загинатите. Потоа немири, палење на џамијата, полициски час… На 10 август 2001 г. со сите воени почести беа погребани загинатите.

Карпалак, 18 години потоа, не е само прилепски туку и македонски непребол.
Активностите за одбележување на годишнината од маскарот започнаа синоќа со посета и полагање цвеќиња на спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, и кај манастирот „Св. Петка“ во Лениште, за да продолжат денеска (четврток) со посета на местото каде што загинаа, со полагање цвеќиња на гробовите на загинатите и со централно чествување во центарот на Прилеп пред споменикот „Карпалак“.

Овој споменик „Карпалак“ беше поставен на одбележувањето на 10-годишнината од масакрот, додека спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во форма на карпа, дело на уметникот Богдан Грабулоски, беше подигнато во 2002 година, кога беше и отворена спомен-собата.