По 19 години во април ќе се одржи попис на населението во земјава. Собранието денеска со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи пролетва.
Владејачката коалиција предводена од СДСМ доби поддршка за Законот од Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот беше ВМРО-ДПМНЕ. Партијата најави дека ќе бара негово поништување и започна со собирање потписи од граѓаните за поништување на законот.
Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население.
За разлика од претходните, овој попис ќе има неколку новини. Главната новина е што ќе се спроведува со т.н комбиниран метод. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице во лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.
Пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење на ИТ- технологија и според стандардите на Еуростат.