Некои од државите на Азија, но и на Западна Европа, веќе почнаа да спроведуваат свои контролни мерки за да спречат ширење на вирусот. Најчестата мерка е проверка на телесната температура на аеродромите, железничките станици и на автопатиштата, преку поставување термални камери. Македонските здравствени власти ќе ги следат препораките на СЗО и искуствата од западните земји
Македонија им се приклучува на државите што ќе спроведуваат засилени контроли и превентивни мерки за заштита од опасниот коронавирус, кој во Кина однесе најмалку девет жртви. Иако здравствените власти во Македонија засега не стравуваат дека вирусот може да се рашири и во државата, Комисијата за заразни болести, која вчера заседаваше, одлучила на скопскиот аеродром да има информативни летоци за смртоносниот коронавирус, и засега нема потреба од ригорозни мерки.
Епидемиолозите одлучиле дека засега не треба да биде во функција и термалната камера на аеродромот, а на оние што патуваат во Кина или се враќаат од земји каде што го има вирусот ќе им делат информативни материјали, да не одат во областите каде што е потврден вирусот, а оние што се враќаат во земјата, ако имаат респираторни симптоми, каде да побараат помош. Сепак, и покрај минималниот ризик, ќе се следат препораките на Светската здравствена организација, но и европските искуства, кои се резултат на мерките што се преземаат таму.
Светската здравствена организација на вчерашниот состанок требаше да одлучи за тоа дали ќе биде прогласена меѓународна здравствена опасност. Во таков случај, се можни мерки на карантин, заострување на граничните контроли, формирање специјални центри за лекување и ограничување на меѓународниот патнички сообраќај. Во сила, секако, се општите хигиенски правила, да се избегнува контакт со лица што имаат акутни респираторни тешкотии, како и со живи и мртви домашни и диви животни.
Светската здравствена организација соопшти и дека постои голема веројатност новиот коронавирус да се прошири и во други делови на Кина, како и во други земји. Вирусот веќе стигнал и до САД. Маж што неодамна се вратил во Сиетл од Вухан, град во Кина каде што е најраспространет и каде што првпат се појави вирусот, е прво лице заразено со новиот вирус во Америка. Американскиот државјанин не покажувал симптоми кога се вратил во земјата минатата среда, кога сѐ уште не биле прегледувани патниците од Кина на неколку аеродроми во САД. Мажот е хоспитализиран и е во добра состојба, и претставува мал ризик за другите.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД имаат план за сузбивање на коронавирусот.
Некои од државите на Азија, но и на Западна Европа, веќе почнаа да спроведуваат свои контролни мерки за да спречат ширење на вирусот.
Најчестата мерка е проверка на телесната температура на аеродромите, железничките станици и на автопатиштата, преку поставување термални камери.
САД почнаа со прегледи на патниците на летовите од Вухан, кои пристигнуваат на меѓународните аеродроми „Џон Кенеди“, „Сан Франциско“ и „Лос Анџелес“, трите главни аеродроми.
Австралиските власти исто така соопштија дека еден маж е во карантин кога добил респираторна болест по патување во Вухан, но дека сега закрепнува.
Еден случај на заболен е откриен во Јапонија, поради што земјата ќе побара од посетителите да бидат проверени на аеродромите и на другите влезни точки, бидејќи очекуваат голем број посетители од Кина за Лунарната нова година.
Засилени мерки проследени со дополнителни чистења и дезинфекции на авионите и возовите, како и на железничките станици и на аеродромите, се преземени и во Хонгконг, Јужна Кореја, Русија и други.
Севернокорејските власти, пак, презедоа и порадикални мерки, привремено им забраниле на странските туристи да влегуваат во земјата. Одлуката е донесена затоа што најголем број туристи доаѓаат од Кина. Таа одлука ќе важи додека вирусот не се стави под контрола.
Се верува дека сите меѓународни случаи на вирусот се поврзани со првобитната појава на вирусот во Вухан. Освен во Кина, заболени од вирусот има во Хонгконг, САД, Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија и во Тајван.
Кинеската државна комисија за здравство вчера соопшти дека, заклучно со вчерашниот ден, се потврдени 440 нови случаи на инфекција со коронавирус во 13 кинески провинции. Потврдени се девет смртни случаи и има докази дека се пренесува со дишење од пациент на пациент. Епидемијата се шири во Пекинг и Шангај, со потврдени случаи во Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија, Тајван, Макао и во САД.
– Веќе е регистрирано пренесување на вирусот и инфекцијата од човек на човек. Докажано е дека болеста се пренесува преку респираторниот тракт и оти вирусот мутира – изјави директорот на Националната здравствена комисија Ли Бин.
Сите деветмина од починатите пациенти се од покраината Хубеи, која е најпогодена. Властите ги повикуваат граѓаните да избегнуваат јавни собири.
Стравот од епидемија се шири, бидејќи милиони Кинези оваа недела ќе патуваат во своите домови за да ја прослават Кинеската нова година в сабота.
Сѐ што треба да знаете за коронавирусот
Веќе е јасно дека вирусот се пренесува од човек на човек, иако досега сепак нема индиции дека се пренесува преку дишните патишта.
Главните симптоми на коронавирусот се висока температура, треска и тешкотии во дишењето. Симптомите на заболувањето се манифестираат како и кај другите респираторни заболувања и можат да предизвикаат цела палета различна симптоматологија од многу лесна клиничка слика со настинка, па до многу тешки форми како што е САРС, сериозно акутно респираторно заболување, кое може да ги нападне и другите органи и многу често има смртен исход.
Она што науката засега го анализира и утврдува е колку бргу вирусот може да премине од заразен врз здрав човек и дали со текот на времето мутира за да се приспособи на организмот на домаќинот?
Првите инфекции потекнуваат од еден пазар за риба и месо во Вухан, кој во меѓувреме е затворен. Експертите сѐ уште не сметаат дека постои опасност од светска епидемија.