Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Низ целата земја локалните власти спроведоа акции за чистење на каналите, за да се спречат евентуални поплави и излевања на реките, организирани се дежурни екипи, а превентивно на критичните точки е поставена и механизација

Невремето Андреа изминатиот викенд погоди делови на Хрватска, при што во Загреб силниот ветер корнеше дрвја и носеше покриви, поради што пожарникарската служба имаше над 150 интервенции, а десетина луѓе беа повредени.
Истата временска непогода во Босна и Херцеговина предизвика поплави и лизгање на земјиште, додека во Србија поројните дождови доведоа до пораст на нивоата на реките и тамошните служби не исклучуваат можност и за евентуална евакуација на населението во најзагрозените подрачја.
Според предвидувањата на метеоролозите, невремето би требало во текот на денешниот ден да се прошири и над Македонија, но не може со сигурност да се каже со каков интензитет ќе се почувствува на овие простори.
УХМР за денеска предвидува облачно време со врнежи од дожд, локално со засилен ветер и грмежи, додека европскиот сервис Метеоаларм има жолто предупредување за југоистокот на земјата. И Акуведер со слично предупредување за невреме проследено со дожд и грмежи.

Надлежните служби, по претходните најави за можно невреме, одржаа координативни состаноци на кои беа договорени мерките што ќе се преземат за да се ублажат евентуалните последици од невремето.
Низ целата земја локалните власти спроведоа акции за чистење на каналите, за да се спречат евентуални поплави и излевања на реките.
Токму неодговорноста на надлежните, но и на граѓаните, во минатото доведе и до човечки жртви, кога во август 2016 година по пороен дожд во околината на Скопје целосно беа поплавени селата Синѓелиќ, Смилковци, Стајковци и Арачиново, како и делови на обиколницата.

Поројните дождови често предизвикуваат поплави и во Полошко, но и во другите делови на земјата, каде што поради нередовното чистење на речните корита и одводните канали, но и поради неодговорните граѓани што ги затрупуваат каналите со смет и градежен шут, доаѓа до поплавувања.
– По добивањето на најавата за можно невреме, во согласност со нашите ингеренции, им укажавме на единиците на локалната самоуправа да преземат соодветни дејства за да се спречи излевање на реките, како и проверка дали се чисти одводните канали, проверка на проточноста на самите канали, отстранување на некои наноси и слично – вели Надица Вчкова, портпаролка на Центарот за управување со кризи.
Таа додава дека општинските кризни штабови веќе одржале состаноци и дека координацијата продолжува.

– Ако утврдат дека имаат недостиг од ресурси, кризните штабови нè информираат. Се разбира, и граѓаните на телефонскиот број 195 можат да пријават доколку дојде до некаква непогода – нагласува Вчкова.
И локалните власти велат дека се подготвени да се справат со евентуалното невреме и дека ги презеле сите неопходни мерки.

– Кризниот штаб на општината Гази Баба во согласност со мерките за превенција од најавеното невреме организира 50 дежурни екипи распоредени на 10 пункта во општината, а превентивно на три критични точки е поставена и механизација. Во текот на овие денови дежурни екипи ќе имаат организирано и месните заедници, а препораки за претпазливост се дадени до основните училишта и градинки – се вели во фејсбук-статусот на градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски.

Од оваа општина уште додаваат дека заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање работат на проект за изградба на поголем канал со кој би биле опфатени водите што при дождови доаѓаат од Скопска Црна Гора и би се спречиле поплави како оние во 2016 година.

И другите локални самоуправи велат дека будно ја следат состојбата со невремето Андреа и дека се подготвени, доколку има потреба, да реагираат.
– По најавите од метеоролозите за можно невреме, сите мобилни тимови на ЈКП Тетово и на локалната противпожарна служба се ставаат во состојба на целосна готовност – објави на Фејсбук градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Таа појасни дека тимови засилени со механизација интензивно работат на терен на расчистување на одводните канали.

[email protected]