Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со премиерот Зоран Заев во Вилата на Водно. Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата премиерот Заев упатил честитки за стапувањето на функцијата и му посакал успешна работа на претседателот Пендаровски.
– Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во државата и за идната соработка меѓу двете институции. Претседателот Пендаровски и премиерот Заев се заложија за конкретна и суштинска соработка меѓу Претседателот и Владата со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО.
Претседателот и премиерот ја нагласија потребата за усогласен и заеднички настап на меѓународен план и интензивирање на реформските процеси во државата со цел остварување на европските и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните – се вели во соопштението.
Ова е прва средба на Заев со Пендаровски, по неговата инаугурација за петти претседател на земјава. Заев не присуствуваше на инаугурацијавата бидејќи користеше одмор. Тој преку видео-порака му порача на Пендаровски дека наскоро ќе се видат и дека ќе го испијат првото кафе како премиер и претседател.