Имплементираме план за рационализација и спојување на здравствените домови и болници во градовите каде тоа може да се направи. Веќе ја завршивме постапката на спојување на Здравствениот дом и болницата во Кочани, а понатаму ќе следат Дебар и Гевгелија, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека цел е да се олесни работата, поради тоа што сите тие институции имаат недостиг од кадар во дејноста што ја пружаат кон пациентите во самото населено место, и во Службата за Итна медицинска помош.
– Со спојување на институциите се олеснува работата на докторите поради тоа што ќе се надополнуваат во тимови кои пружаат услуга кон граѓаните во населеното место, но посебно во екипите за Итна медицинска помош. Дополнително се олеснува услугата и кон пациентите кои не се оптоваруваат со дополнителни упати и административни процедури кога одат од болница во Здравствениот дом, рече Филипче.
Додаде дека работат паралелно на проект заедно со агенциите на ОН за подобрување на патронажните сервиси и домашната нега.
Сто вработувања во ЗД Скопје, недостига кадар во ИМП и во амбулантите
Побаравме 100 вработувања во ЈУ Здравствен дом Скопје, таа одлука помина на Влада и ќе продолжиме да работиме за да обезбедиме финансиските средства и со ФЗОМ и Министерството за финансии. Здравствениот дом Скопје е соочен со сериозен ризик во давањето медицински услуги, затоа што недостигаат 110, 120 вработени – доктори и останат медицински персонал. Оваа служба мораме да ја зајакнеме.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Детската болница Козле. Тој рече дека недостига кадар и во Службата за Итна медицинска помош (ИМП), во специјалистичко консултативните амбуланти и во превентивата посебно во стоматолошката.
– ИМП располага со седум возила, што е премалку за населението на територија на градот Скопје. Недостигаат и возила за ИМП, затоа очекуваме да започне набавката на нови возила за ИМП, а капацитетот најмалку би се дуплирал. Потребни се возила и за други здравствени домови во државата, потенцира Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Нагласи дека планираат дополнување на кадарот со нови вработувања и заедно со ФЗОМ работат на пресметка за тоа какви финански импликации ќе има зголемувањето на платите на лекарите специјалисти, а во таа пресметка овие колеги не се иземени.