ЕУ веќе сериозно не нѐ сфаќа колку далеку отишла со своите барања за Македонија да попушта
Бизарноста на ситуацијата во која се најде Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор и менувањето на името на државата, и по три години подоцна не може да се надмине поради неисполнетите ветувања на Унијата и неизвесноста за започнување преговори за членство. Таквата состојба предизвикува и основани сомневања во врска со повремените изблици на патриотизам и ветувањата за заштита на националните интереси на македонските политичари, преку некакви изјави што за ЕУ имаат гротескен призвук за божем некакво постоење на црвени линии…
Во македонската надворешна политика синтагмата „црвени линии“ често се споменува, но никогаш не била прецизно дефинирана, ниту пак добила некаков официјален контекст. Симболиката на „црвените линии“ главно се однесувала на прагот на толеранција за македонското национално чувство. Многумина сметаат дека со Преспанскиот договор со Грција и менувањето на името на државата Македонија со додавка од геoграфска одредница, длабоко се прегазени замислените (ако веќе не биле дефинирани) национални црвени линии, но и дека веќе нема причина да се поставуваат нови. Сепак, соседна Бугарија и ЕУ ја демантираа и таквата претпоставка, па македонскиот премиер Зоран Заев, сега повторно ја уверува македонската јавност дека во Брисел им се добро познати нашите „црвени линии“.
– Ги знаат нашите црвени линии – бевме во Брисел и им рековме: „Ако го чепнете македонски идентитет и јазик тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал“ – изјави премиерот Заев, по средбите во Брисел со високите претставници на ЕУ, во очекување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, во рамките на португалското претседателство со Унијата. Според умерено оптимистичката проекција (или амбиција) на премиерот, меѓу 22 и 30 јуни треба да ја одржиме и првата меѓувладина конференција.
Причината за повторното актуализирање на „црвените линии“ е новото соочување со ветото на Бугарија пред јунскиот самит на ЕУ. Иако внатрешнополитичката ситуација во Бугарија е повторно предизборна, техничката влада останува на позицијата дека нема ингеренции да го повлече ветото на претходната влада, ниту пак отстапува од историско-идентитетските услови за Македонија. Заплетот што го направи Бугарија, преку упорните настојувања нејзините услови Македонија и Македонците да се „вратат на бугарските корени“ да ги наметне како критериуми на ЕУ за проширување, создаде ситуација за повторно споменување на национални „црвени линии“. И покрај најновата категоричност на премиерот Заев во Брисел за македонскиот идентитет и јазик, во македoнската јавност остануваат резервите дали на ЕУ ѝ се доволно јасни македонските „црвени линии“, односно дали македонската страна одамна ги размекнала црвените линии и дали тие се само бледи и порозни граници за позициите за македонскиот идентитет и јазик.
– Како македонска јавност немаме доволно информации што се зборувало зад затворени врати во Брисел, но да се надеваме дека црвените линии за идентитетот и јазикот биле доволно конкретни и експлицитно претставени. Доволно би било да му се укаже на Брисел дека има ограничувања во креативноста на дефиницијата на македонскиот идентитет и јазик. Но во мигот, кога немаше конкретен предлог за надминување на ветото на Бугарија, македoнскиот став не смее да биде ни претврд, ни премек, за да не ги нарушиме нашите евроинтегративни позиции – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Бизарноста на ситуацијата во која се најде Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор и менувањето на името на државата, и по три години подоцна не може да се надмине поради неисполнетите ветувања на Унијата и неизвесноста за започнување преговори за членство. Таквата состојба предизвикува и основани сомневања во повремените изблици на патриотизам и ветувањата за заштита на националните интереси на македонските политичари, преку некакви изјави, кои за ЕУ имаат гротескен призвук за божем некакво постоење на црвени линии…
– Многу гласните изјави на официјалните македонски политичари полни со патриотизам, откако потпишавме два соседски договори, со кои македонскиот идентитет се сведе на „коси црти“, а на македонскиот јазик му се бараат бугарски корени, предизвикува сомневања дека во ЕУ се готви некој план за нови отстапки на Македонија, а само се чека момент тоа да ни се соопшти. Кога станува збор за црвените линии, се поставува прашање спрема кого сега се поставуваат тие? Спрема Бугарија, која никогаш не ни ги признала ни идентитетот, ни јазикот, ни историјата? Уште поголема стапица во црвените линии за идентитетот и јазикот е, кој идентитет сега ќе го браниме: оној од 1944, за кој Бугарија итро вели дека го признава, или ќе го чуваме пред ЕУ и македонскиот идентитет од пред 1944 година? Сето тоа, јазикот, националниот идентитет, култура, не можат да се одвојат од националната историја, т.е. колективната меморија. А со соседските договори со Грција и со Бугарија овие македонски „црвени линии“ сериозно се испрекинати, а Брисел тоа го гледа како простор за „креативни компромиси“ на штета на Македонија – проценува историчарот Тодор Чепреганов.
Вербалните декларации за нови македонски црвени линии на европската политичка сцена, за политичкиот аналитичар Александар Пандов не се доволно силни и институционално врамени.
– Колку и да се искажани на јавна сцена, па дури тоа и да е европска, декларативните заложби за какви било црвени линии во однос на заштита на македонскиот национален идентитет и јазик, сепак не се обврзувачки и не се доволно силни за да се има целосна доверба во такви политички изјави. За националните позиции да бидат обврзувачки, потребно е да се свика собраниска седница на која ќе се заземе став, кој ќе биде изгласан како резолуција. Таквата резолуција ќе ги обврзува сите македонски политичари што ќе дојдат на власт, а со патриотизмот и националните позиции нема да се кокетира за подигнување на политичкиот рејтинг – вели Александар Пандов.