Се породи Авганистанката која пристигна бремена во Скопје со синоќешниот лет од Кабул. Таа родила здраво машко бебе тешко 3,2 килограми. Бебето и мајката се чувствуваат добро. Авганистанката синоќа беше пренесена на Клиниката за гинекологија, веднаш по слетувањето на авионот.
Жената на која синоќа ѝ се слошило сега е во добра здравствена состојба, додека на останатите бегалци од Авганистан им биле пружени прегледи во текто на денешниот ден.
– Во текот на наредните денови заедно со ПЦР-тестовите ќе се направат и прегледите за проценка на здравствената состојба на граѓаните од Авганистан. Планирани се интернистички прегледи за повозрасните и педијатриски преглед за децата. Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина – соопшти Владата.
Волонтери на Црвениот крст им поделија пакети со вода, заштитна маска, средство за дезинфекција, маски, основни хигиенски производи, облека како и флаери за мерките во нашата држава поврзани со вирусот ковид-19. Во хотелот им беа дистрибуирани пакети за добредојде со дополнителни количини маски, средства за дезинфекција, инфо материјали за градот Скопје, мапа на град Скопје, евидентни листови за посебни барања во однос на здравствената состојба, картички со телефони на Црвениот крст за итни состојби и кутија локум. Црвениот крст во хотелот има 30 дежурни лица, волонтери организирани во три смени кои се на располагање на граѓаните. Учествуваат во подготовка на детско катче, подготовка на инфо катче со 10 лаптопи и интернет пристап. Тие ќе се грижат за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, обувки. Ќе бидат вклучени во активности за спојување на семејствата, и за да пружат медицинска заштита во однос на лекови за хронична терапија. По барање и потреба на граѓаните на располагање има и психолог.
Извршени се потребните гранични процедури и на лицата им е издадена виза за престој на територијата на Македонија во времетраење од 90 дена. По привремениот престој во Македонија тие треба да заминат кон САД или трета земја како нивна крајна дестинација.
Владата презеде обврска да обезбеди привремен престој на 780 граѓани на Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија. Трошоците за превозот и за сместување на овие граѓани ги покриваат меѓународните организации и САД.