Настаните поврзани со хакерските напади врз европските држави меѓу кои е и Македонија, никако да исчезнат од агендата на светските медиуми. Имено, неделава американскиот магазин „Политико“ информира дека Европската Унија дала зелено светло за активирање механизам за санкции против надворешни тела што се сомничат за можна вмешаност во настаните во Европа.
Според „Политико“, на воената разузнавачка единица на Русија ГРУ, како и на кинески и севернокорејски ентитети („Тијанџин Хуаинг Хаитаи“, „Наука и технологија за развој“ и „Северокорејски експо“) поради одделни сајбер-напади во последните години, ќе им се издадат забрани за патување и за влез во ЕУ и ќе им се замрзнат средствата во Унијата.
Во меѓувреме, настаните и истрагите поврзани со серијата хакерски настани сѐ уште се активни во Македонија. За потсетување, во земјава во расчекор од само неколку дена беа нападнати интернет-страниците на четири државни институции и една комерцијална страница на најголемиот агрегатор на вести, односно хакерите атакуваа врз Државната изборна комисија (ДИК), министерствата за здравство и за образование, како и врз страницата на Агенцијата за поддршка на туризмот и веб-адресата на „Тајм.мк“.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) за „Нова Македонија“ информираат дека истрагите за случувањата се во тек и дека тие се водат во републичкото обвинителство и во скопското јавно обвинителство.
– Истрагата, која е во тек во Основното јавно обвинителство, а се однесува на случајот во ДИК, по допрен глас по него постапува Одделението на ОЈО во организиран криминал и таа се однесува најмногу на утврдување прекршување на законот во делот за набавката на софтверот и дали поради таа околност настанало одредено кршење на законот. Од друга страна, пак, во Скопското јавно обвинителство во соработка и координација со МВР се водат случаите поврзани за хакерските напади на веб-страниците на институциите и компаниите. Во овие моменти се спроведува целосна анализа за да се утврди од каде потекнуваат ај-пи адресите од каде што е извршен хакерскиот напад, односно да се мапира ситуацијата. Во зависност што ќе покажат информациите од истрагата на полицијата, така потоа и Обвинителството ќе постапува во иднина. Доколку на пример се утврди дека овие ај-пи адреси потекнуваат од странство, тогаш ОЈО ќе побара асистенција и меѓународна правна помош, па потоа сето тоа ќе се процесира во предмети во нашите судови – објаснуваат од ОЈО.
Во меѓувреме, од МВР, пак, и натаму сметаат дека истрагата за актуелните случувања е во тек, а по завршувањето за неа ќе биде информирана јавноста.
Дополнително, за хакерските напади во ДИК, своја истрага спроведува и Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП), која објави дека по службена должност ќе проверува дали Државната изборна комисија (ДИК) успеала да ги заштити личните податоци со оглед на тоа што ноќта кога се броеја резултати имаше хакерски напад.
– Вечерта по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, на 15 јули 2020 година, се случи инцидент каде што одреден период не беа достапни веб-страниците, односно веб-услугите на ДИК. ДИК обработува голем број лични податоци по својот обем и категории што се поврзани со изборниот процес, а од кои одредени категории лични податоци се достапни и по електронски пат. АЗЛП во врска со објавените информации за настанат инцидент, по службена должност ќе истражи и ќе провери дали дошло да нарушување на безбедноста на личните податоци што се обработуваат од страна на ДИК, односно дали обработката на личните податоци била, односно е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци – велат од Агенцијата.
Од Агенцијата дополнително истакнуваат дека во согласност со членот 37 став (1) од овој закон во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, контролорот (во конкретниот случај ДИК) не подоцна од 72 часа откако дознал за истото тоа е должен да ја извести АЗЛП, освен ако не постои веројатност нарушувањето на безбедноста на личните податоци да создаде ризик за правата и слободите на физичките лица, што Комисијата не го направила. Бидејќи ДИК не пратила известување, од оваа агенција велат дека се можни две сценарија: или не е нарушена безбедноста на личните податоци или ДИК не постапила и не ги известила во рокот од 72 часа.
Хакерска кампања против НАТО
Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите објавени во медиумите, кои велат дека во моментов е активна кампања насочена кон Северноатлантската алијанса. Дополнително овие информации се значајни и за нашта држава бидејќи веќе сме составен дел на НАТО и најнова членка на меѓународниот воен сојуз.
Имено, Би-би-си на темава информира дека хакери објавуваат лажни вести на вистински новински сајтови за да го дискредитираат воениот сојуз НАТО.
Според информацијата на британскиот медиум, хакерската операција за дискредитација на Алијансата е насловена „Дух пишувач“ и од сојузниците било регистрирано дека започнала уште во 2017 година.
Според Би-би-си, оваа хакерска акција особено е насочена против поддршката на сојузот во државите од балтичкиот регион и Полска.
Во свој осврт на случувањата, пак, лондонскиот весник „Гардијан“ информира дека хакери што дејствуваат во состав на интересите на Русија, објавуваат серија лажни информации со упад на интернет-страници на реномирани медиуми.
Според весникот, една таква лажна информација објавена во Литванија, дезинформира дека германски војници од НАТО, кога пристигнале во земјата уништиле еврејски гробишта во државата.
Натаму, во полските медиуми, пак, се објавувани информации со невистинити содржина, кои се однесуваат на тенденциозно ослабување на полските воени способности во корист на присуството на американските сојузнички трупи што се стационирани во оваа држава.