Главна тема на претстојната средба на поглаварите на православните цркви во Јордан, е идејата на Руската црква да ѝ се оспори правото на Вселенската патријаршија да потпишува томос за автокефалност
На помалку од една недела од најавениот Собор на поглавари на православните цркви во Аман, Јордан, свикан од ерусалимскиот патријарх Теофил, Руската црква врши силен притисок врз Бугарската и врз Српската православна црква да го поддржат овој состанок и на него да ги испратат своите патријарси. Шефот на руската црковна дипломатија Иларион Алфеев, изминативе недели бил на средби со бугарските владици, а завчера се сретнал и со српскиот патријарх и со дел од владиците на СПЦ.
Главна тема на оваа средба во Јордан, е идејата на Руската црква да ѝ се оспори правото на Вселенската патријаршија да потпишува томос за автокефалност, а со тоа, меѓу другото, да се оневозможи и признавањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Во бугарската јавност веќе се пишува дека нивниот патријарх Неофит бил под жесток притисок да го прифати соборот и да замине во Јордан.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ваква средба не може да има никакво влијание врз она што Вселенската патријаршија евентуално би го решила во однос на МПЦ.
– Ова е обид на Руската црква преку Ерусалимската патријаршија да ги мобилизира и да ги групира оние православни цркви што ѝ се наклонети и што имаат спротивставени ставови со Вселенската патријаршија. Јасна е линијата на поделбата во православието. Но судејќи според бројот на православни цркви што ќе дојдат на таа средба, тој круг не е голем. Ова треба да ја охрабри МПЦ, оти Вселенската патријаршија нема толку силен отпор од други цркви кога се работи за нејзината постапка кон Украинската автокефалност. Но ова сигурно ќе ја охрабри ВП да преземе и други порадикални чекори, оти овие конфронтации во православието не се само околу една црква, во случајов Украинската црква, туку главната битка е околу тоа кој ќе го има приматот, зашто по битката околу УПЦ, сигурно ќе следуваат и други православни цркви – објаснува Ѓорѓевски.
Во овој момент, освен ерусалимскиот патријарх Теофил и најзаинтересираниот за оваа средба, рускиот патријарх Кирил, позитивен одговор за учество испратиле антиохискиот патријарх Јован и архиепископот на Чешка и на Словачка Ростислав, кои се дефинирани како „сателити на Москва“ во православието. Грчките медиуми, кои го анализираат овој собор, пишуваат дека најнеизвесна е позицијата на српскиот патријарх Иринеј, кој во принцип активно ја поткрепува Руската црква во спорот со Украина, но сака да игра и на картата со Вселенската патријаршија поради најавите Вартоломеј да признае автокефалност во Македонија.
Во МПЦ официјално велат дека по средбата на македонската државна делегација кај патријархот Вартоломеј сѐ уште нема ништо ново.
Вселенскиот патријарх на почетокот на годината, по средбата со македонската државна делегација во седиштето на Вселенската патријаршија, одлучи да се поканат претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и обид за наоѓање заедничко прифатливо решение меѓу двете страни.