Собранието на Република Македонија во рамки на 46. седница попладнево ги донесе измените и дополнувањата на Законот за државните награди, по скратена постапка, предложени од владејачкото мнозинство, а утврдена е и потребата за носење на Законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти. Претходно беа донесени и измените на Изборниот законик, кој предвидува привремено решение за нов состав на Државната изборна комисија и други законски решенија.
Со измените на Законот за државните награди се предвидува воведување уште државна награда за Денот на албанската азбука 22 ноември. Опозицијата беше против предлогот нагласувајќи дека има и други заедници кои имаат свои значајни денови, како Ромите, Турците… и оти не гледаат зошто измените се носат по скратена постапка.
Законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти беше поддржан од сите пратенички групи, но главната дебата меѓу пратениците се водеше за тоа кој го предложил овој закон. Опозицската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека тоа била Владата на поранешниот премиер и поранешен нивни партиски претседател Никола Груевски во март 2016 година, додека пратениците од СДСМ тврдеа дека ова е комплетно нов закон и оти е предложен од актуелната Влада на премиерот Зоран Заев.
Претходно беа донесени измените на Законот за животната средина, додека за Законот за заштита на природата и за Дополнетиот предлог закон за измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства по расправата не се гласаше поради немање кворум. Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за вработување на инвалидни лица, а во прво читање помина и предлог на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Донесени беа и измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто се предвидува избор на привремен шестмесечен состав на Државната изборна комисија.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја води седницата во отсуство на претседателот Талат Џафери, кој е во посета на Србија, продолжението на 46. седница ја закажа за утре напладне.