Сексуално образование ќе се изучува како изборен предмет во деветто одделение, а предметот општествени науки преоѓа во „Човек и општество“ од прво до трето одделение, додека ќе се изучува како „Историја и општество“ од четврто до деветто одделение, истакна министерката за образование Мила Царовска во синоќешното интервју за телевизија Канал 5. Таа претходно учествуваше во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, каде што нацрт-концептот за основното образование беше ставен на јавна расправа.
Царовска нагласи дека оваа реформа не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање и оти јавноста треба да се чувствува безбедно. Министерката додаде и дека во четири училишта моментно се спроведува интензивна обука, со цел, од наредната година, тие да воведат пилот-проект за изборниот предмет сексуално образование во деветто одделение.