ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОДАТОЦИ
Средношколците во голема мера го препознаваат насилството на Интернет, но ретко застануваат во одбрана на жртвата, додека возрасните и надлежните потфрлаат во доменот на препознавање и вештини за справување, покажала анализата направена неодамна
Четириесет и еден отсто од средношколците се вклучуваат на Интернет повеќе од 20 пати дневно, а секој четврти средношколец поминува над шест часа дневно на Интернет. Секој петти средношколец имал искуство во улога на жртва последните три месеци со 10 од 11 наведени примери за насилство на Интернет. Ова го покажала анализата која ја направила студентката Симона Стојчевска, во рамките на проектот за млади истражувачи на Младинскиот образовен форум. Таа анкетирала средношколци од неколку града во Македонија, од различна националност и од сите четири години во средно образование.
Резултатите покажале дека 85 отсто од средношколците користат Интернет и на училиште, а 65 отсто користат Интернет на часовите за работи неповрзани со наставата. Најчесто користени апликации и веб-страници се социјалните мрежи, а најпопуларна е Инстаграм.
Истражуван е аспектот на вознемирување на социјални мрежи. Така, 40 отсто од средношколците се почувствувале непријатно поради вознемирување или навреда на Интернет во последната година.
– Дополнително, во анкета, секој петти средношколец имал искуство во улога на жртва последните три месеци со 10 од 11 наведени примери за насилство на Интернет. Како сведоци на насилство на Интернет во последните 3 месеци се изјасниле 59 отсто од испитаниците, при што насилството најчесто се случувало на Фејсбук и на Инстаграм. Средношколците во голема мера го препознаваат насилството на Интернет, но ретко застануваат во одбрана на жртвата, додека возрасните и надлежните потфрлаат во доменот на препознавање и вештини за справување – вели Стојчевска.
Како што информира таа, алармантен е резултатот кој укажува на тоа дека иако 42 отсто од испитаниците барем понекогаш имаат потреба да пријават кога ќе доживеат непријатно искуство на Интернет, 74 отсто од нив не знаат кои механизми им стојат на располагање за да го направат тоа.
– Шеесет и три отсто од учениците се изјасниле дека не се зборува за насилство на Интернет во нивните училишта. Довербата за споделување на искуството и пријавување е најголема кај родителите и пријателите, додека стручните служби и надлежните институции се наоѓаат на дното на листата – истакна Симона.
Во препораките на крајот од истражувањето стои дека е неопходна системска едукација за дигитална писменост и насилство на Интернет за сите засегнати страни (и средношколци и стручни служби и професори и родители). Додека тоа стане реалност, сите треба да се трудат да се најдат алтернативни начини за да се стекнат со тоа знаење. Препорака до училиштата е да работат на зголемување на поддршката, екипираноста и видливоста на стручните служби, да вршат континуирана едукација на кадарот и на учениците, да вклучат што повеќе професори и ученици при креирање на политиките и да не го затскриваат проблемот доколку се појави заради зачувување на угледот.
Родителите да комуницираат со своите деца
Кога ученикот или ученичката ќе стане жртва на врсничко насилство на Интернет, треба да го пријави случајот и да побара помош и поддршка кога им е потребна, а во меѓувреме да не се вклучуваат во насилни активности на Интернет и да најдат соодветен начин да ја одбранат жртвата доколку се сведоци, апелира Стојчевска.
– За родителите освен едукацијата за гореспоменатите теми, се препорачува работа на комуникацијата со своите деца, особено во однос на виртуелниот живот и идентитет на нивните деца. Да покажат разбирање, отвореност за дискусија и да им дадат поддршка на своите деца во надминување на проблемот доколку имало насилен инцидент – без разлика дали нивното дете е жртва или насилник во конкретната ситуација. Воедно, корисно е да соработуваат со релевантните институции и стручни служби, но и активно да се вклучат за дискутирање на темата за време на родителски средби и совети – вели Стојчевска. Стручните служби треба да работат на својата видливост и соработка со средношколците и со преостанатите засегнати страни, но и да не го занемаруваат овој вид насилство, зашто не се случува во училиштниот простор и не е експлицитно наведен во законските регулативи. Постојат истражувања кои укажуваат на тоа дека она што се случува во интернет-просторот влијае и врз училишниот живот на децата.