Според Светската банка, аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, a децата се најчувствителната група затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ од Скопје.
– Секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести, кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Градовите во земјата, како Скопје, Тетово и другите, котираат високо на листата на најзагадени градови во регионот, па и во Европа. Високите концентрации на ПМ 10-честичките достигнуваат и до повеќе од десет пати од дозволеното – потенцираат од „Екосвест“.
Од таму велат дека честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 се меѓу најопасните загадувачи, кои во голема мера влијаат врз здравјето на луѓето поради нивната способност да навлезат длабоко во белите дробови и крвта предизвикувајќи трајни ДНК-мутации, срцеви напади, болести на дишните патишта и прерана смрт. Овие загадувачи се формираат кога согоруваат одредени материи, како горењето на дрвото во камините или горењето јаглен во термоцентралите.
Околу 80 % од енергијата во светот доаѓа од фосилните горива. Според Светската здравствена организација, проблем број еден претставува нивното согорување. Честичките што се испуштаат го загадуваат воздухот и се примарен причинител за климатските промени, затоа тие потенцираат нивната употреба да се намали или да се отстрани.