Проф. д-р Илија Велев

ЗОШТО САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО БИЛО СЛОВЕНСКО И МАКЕДОНСКО? (5)

По повод 1.000 години од падот на Самуиловото македонско царство (1018 -2018), доктор Илија Велев, како редовен професор по предметите Византиска култура и Кирилометодиевистика и културно наследство во Институтот за македонска литература и научен советник во Одделението за средновековна македонска книжевност, во неколку продолженија ќе ги образложи историографските елементи од овој мошне значаен период. Насловите се редакциски

Духовната идеолошка атмосфера во Македонија станала уште поконтроверзна откако во 1054 година политички и верски се опредметило дефинитивното издвојување на двете христијански цркви – Источната (ортодоксна, односно православна) и Западната (римолатинска, односно католичка). Интересно е да се напомене дека при практичното и финално догматско и политичко издвојување на Источната и Западната христијанска црква директно учествувал првиот Византиец поставен за поглавар на Охридската архиепископија, извесниот архиепископ Лав (1037-1056). Со тоа архиепископот Лав дефинитивно политички ја подредил Охридската архиепископија кон страната на Источната црква, која – почнувајќи од периодот на св. Климент Охридски и продолжувајќи во периодот на Самуиловото македонско словенско владетелство, стоела на позицијата на општохристијанската екумена за балансирање на конфронтациите при источноправославните и апостолските римолатински односи.

За жал, шизмата меѓу двете христијански цркви од 1054 година натаму ископала длабока духовна и политичка бездна, која не можела да ја исполни ништо позитивно. Затоа и влијанието на богомилството како еретичко движење и учење настанато на територијата на Македонија уште од времето непосредно по смртта на светите Климент и Наум Охридски, почнало влијателно да ги проширува границите на натамошно продирање – при што сериозно ги загрозувало духовните процеси во Византија и во западнохристијанските средини. Тоа ја предизвикало причината да се почнат силни антибогомилски активности на прогони, уништувања на богомилската книжнина и се поттикнувало пишување антибогомилски полемички состави – како што била Беседата против богомилите на Презвитер Козма. Нашите најнови истражувања докажаа дека тоа дело било напишано во актуелниот период на XI век и во Охридскиот книжевен центар, токму при актуелната антибогомилска византиска кампања за враќањето на сопствениот духовен протекторат. Не ја исклучуваме можноста првобитната текстуална редакција на овој полемички трактат дека била пишувана на византискогрчки јазик.

Натаму македонското население продолжило да ги негува импресиите за враќање на самостојното Самуилово македонско словенско царство, а преку најразлични форми ја истакнувало желбата да се отфрли византиската освојувачка власт. Пример за тоа се и двете македонски востанија на Петар Делјан во 1040/1041 година и на Ѓорѓи Војтех во 1072/1073 година. Сепак, треба да се истакне дека имало и провизантиски ориентирани македонски феудалци, кои не им се придружиле на востаниците и ги бранеле личните материјални интереси. Не треба да се исклучува и можноста дека веројатно тие имале и некакво чувство за припадноста кон домородните (домицилните) македонски корени, кои полесно ги идентификувале со византискиот македонизам – отколку со заживеаниот словенски колективитет. Во секој случај, современите хроничари на тоа време запишале дека дури до крајот на 1073 година конечно бил „скротен“ народот во Македонија, кој продолжил да живее под освојувачкиот јарем на Византија. Периодот од 1074 година па до згаснувањето на Првото византиско царство во 1204 година бил еден од најконтроверзните, кој уште повеќе го нарушувал нејзиното спокојно владеење во Македонија.

Навидум воспоставената политичка контрола врз раздивената анархија во Византија при стапувањето на власт на династијата на Комнините, меѓу 1081 и 1185 година, не ја ослободила Македонија од тешките последици на византиските војни, зашто повеќето од нив имале крвави последици на нејзиниот простор. Страдањата на македонското население станале уште понеподносливи во текот на четирите крстоносни војни од 1096, 1147, 1189 и 1195 година, зашто врз нивните животни судбини се проектирал крстопатот на нарушените религиозни односи меѓу црквите на Исток и на Запад од 1054 година натаму. Треба да се нагласи фактот дека при одвивањето на третата крстоносна војна се охрабрила нова востаничка надеж, дел од македонскиот простор да се одметне од византиската централна власт. Така, македонскиот феудалец Добромир Хрс се обидел да организира самостојно македонско владетелство со центри во Струмица и во Просек. Дури во еден период византискиот владетел политички му ја признал воспоставената власт врз ослободените македонски територии, но Хрсовото владетелство конечно го загубило политичкиот живот во 1201 година. По пропаста на првото византиско царство, во 1204 година, почнале да се формираат месни владетелства од страна на наследниците на поранешните византиски благородници. Особено при формирањето на Епирското и Никејското деспотство и нивното воено пресметување со Латините и со Бугарите, некои од македонските феудалци изразиле поддршка при ослободувањето на македонските територии.

Но други од нив стапиле во воен и политички сојуз со возобновеното Второ бугарско царство. Притоа, по смртта на бугарскиот владетел Калојан, во 1207 година, еден од тие македонски благородници, севастократорот Стрез, се одметнал со сопственото владетелство во дел од Македонија меѓу Просек, Охрид и Солун, па најпрво со српското воено сојузништво и подоцна самостојно се стремел кон осамостојување. Но тој станал жртва на предавнички заговор од страна на незадоволните болјари, при што и починал во 1214 година. Со тоа од историската сцена исчезнале наредните сериозни можности на просторот на Македонија да се конституира самостоен владетелски конгломерат од каква и да е политичка природа. Всушност, токму кога Византија се нашла во својот прв залез при нејзиното политичко згаснување, меѓу 1204 и 1261 година, Македонија не успеала да создаде своја држава – како што успеале да го сторат тоа Бугарите и Србите во нејзиното балканско опкружување. Едноставно недостигало внатрешното политичко единство, а тоа влијаело македонските феудалци да ја бараат слободата преку помошта на секој нов завојувач.

На тој начин Македонија само ги менувала своите завојувачи и сè повеќе ги зацврстувала туѓите воспоставувани протекторати, мотивирајќи го сопственото подаништво што водело кон нужно себеотуѓување и асимилирање на македонскиот самосвоен организам. Односно, со тоа историската разврска што следувала при одвивањето на воените и на духовните процеси го изолирала политичкото чувство да се негува сопствен македонски државен и културен идентитет, а сè повеќе почнала да се поддржува идентификацијата со туѓи протекторати. Затоа и во наредните политички рекапитулации низ историјата Македонија се довела до апсурдната позиција – идентификувајќи се со Византија, од една страна, и сообразувајќи се со Јужните Словени, од друга страна, да води жестоки „самосвојни“ битки од кои крвавел македонскиот организам на себепрепознавањето.

(крај)