Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да ги напуштат суеверните обичаи и да му се посветат на христијанскиот начин за одбележување на задушница и Духовден, со молитвено застапништво за починатите
Многумина од православните христијани и оваа година за претстојниот викенд, кога ќе се одбележуваат задушница и Духовден, повеќе внимание ќе им посветат на адетите и обичаите, отколку што во духот на вистинската вера ќе настојуваат да го оживеат споменот и да им оддадат почит на починатите. Според обичајот, уште в сабота навечер ќе заминат на гробиштата, за да преноќат, а другиот ден ќе делат и ќе оставаат храна на гробовите. На тој начин сметаат дека им оддале почит на починатите. Теолозите, пак, нагласуваат дека овие наследени адети меѓу луѓето се пренесуваат со генерации и претставуваат суеверие.
Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да ги напуштат овие обичаи и да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на задушница и Духовден. Велат дека верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано зборуваат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колку количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
Отец Бобан Митевски вели дека во текот на годината црквата одредила денови што треба да бидат посветени за наше застапништво за починатите.
– Секоја сабота во неделата е посветена за време да се молиме за починатите, да се застапиме за нивно спасение. Во текот на годината има денови задушници, кога се посетуваат гробовите и црквите за починатите и за принесување жртви за нивното спасение и за поправање на состојбата во која тие се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница, значи за душата. И според оваа терминологија тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино и во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно и не е задолжително и тоа не треба да се практикува, исто како и останувањето навечер на гробовите. Сето тоа не е во духот на православната вера – објаснува отец Митевски.
Духовден, пак, се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните.
Според православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденски пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа, следува духовденската задушница, која се одбележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува митровденската задушница, пред празникот Митровден.