Светскиот ден на борба против хепатитис се одбележува секоја година на 28 јули со цел подигнување на свесноста за глобалното значење на вирусниот хепатитис, заштитата и влијанието врз здравствената состојба.
Вирусен хепатитис преставува воспаление на црниот дроб што доведува до негово оштетување. Најчесто е предизвикан од пет главни видови на вируси на хепатитис – А, Б, Ц, Д и Е. Иако клиничката слика на вирусниот хепатитис е слична независно од причинителот (пожолтување на кожа и склери, болки во стомак, тежина под десен ребрен лак, гадење, повраќање, губење на апетит, замор, темна мокрача) тие се различни вируси кои даваат спрецифични одлики кај поединечните хепатитиси во начинот на пренесувањето, различни дијагностички тестови, исходот на болеста, лекувањето и превенцијата.
Се претпоставува дека 325 милиони луѓе во светот живеат со вирусен Хепатит Б и Ц. Во Македонија во 2019 година регистирани се 91 заболен од Хепатит Б, а вирусниот хепатитис Ц е регистриран кај 50 случаи.
За Хепатитис А и Хепатитис Б постои вакцина како превентивна мерка. Вакцинација за хепатитис Б во нашата земја од 2004 година се спроведува како рутинската за сите новородени, а дополнително се спроведуваат вакцинални програми кои ги опфаќаат ризичните групи како пациенти на дијализа, здравствени работници.
Хепатитис А и хепатитис Е обично се шират преку директен контакт и преку храна или вода загадени од столицата на заразено лице. Хепатитис Е може да се добие и со јадење недоволно термички обработено месо. Хепатитис Б, хепатитис Ц и хепатитис Д се шират преку контакт со крвта на заразено лице, а хепатитисот Б и Д и преку контакт со други телесни течности.
Постојат многу начини на пренесување преку контаминирана крв или крвни продукти, контаминирани игли случајно кај здравствени работници и кај и.в. наркомани, тетоважа, незаштитен секс, при породување од мајка на новореденче.
Вирусите на хепатитис А и Е обично предизвикуваат само акутни и краткорочни инфекции кои најчесто спонтано поминуваат. Вирусите на хепатитис Б, Ц и Д може да предизвикат акутни и хронични, па и трајни инфекции. Хроничниот хепатитис може да доведе до компликации како што се цироза, слабост на црниот дроб и хепатоцелуларен карцином. Раната дијагноза и антивирусна терапија може да ги спречи или намали можностите за развој на овие компликации.
Хепатитис А и Е најдобро може да се превенираат со добра лична хигиена (миење раце со вода и сапун), соодветна хигиена на храната и водата за пиење, подобрување на санитарните услови. Хепатитис Б и хепатитис Ц може да се превенираат со засилени мерки на грижа кај професиите со висок ризик и сексуалното однесување (употреба на кондоми). Не треба да се делат предмети од инфицирани лица. Многу важен поединечен фактор на ризик посебно за хепатитис Ц е интравенската злоупотреба на дрога каде е потребна едукација да не се користат заеднички игли.