И покрај бурните реакции во Грција по репортажата на Би-би-си, со која на некој начин се актуализира прашањето за постоењето на македонското малцинство, експертската јавност во Македонија е скептична во однос на позитивните ефекти од задоцнетиот интерес на светските медиуми
Потписничките на Преспанскиот договор сега се во фаза на одредување на практичните решенија за секојдневната примена на одредбите од спогодбата, па за таа цел министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција изработија прирачници за употребата на термините, кои произлегуваат од новото државно име со географска одредница. Но паралелно со тоа, во светската јавност како да воскреснува уште едно прашање, кое требаше да биде решено со Преспанскиот договор. Репортажата на националниот британски сервис Би-би-си, насловена „Невидливото малцинство во Грција“, го поставува прашањето дали Преспанскиот договор ќе иницира промени во однос на македонското малцинство, со децении негирано од Грција.
Приказната на 92-годишниот адвокат Фокас во Грција предизвика лавина реакции: од барање на грчки дипломати од Би-би-си да ја повлече репортажата, до стандардните меѓусебни обвинувања на опозицијата и на Владата.
Имено, опозициската Неа демократија побара од премиерот Алексис Ципрас недвосмислено и категорично да ја испрати пораката до сите страни дека за Грција прашањето за постоење етничко македонско малцинство не постои. Оттаму додаваат дека целата одговорност за последиците од Преспанскиот договор е во Владата и дека одредени луѓе, кои се декларираат како етничко македонско малцинство во Грција, веќе ликуваат поради спогодбата. Грчката влада, пак, подвлекува дека македонската влада го прифатила како непостојно прашањето за македонското малцинство во Грција со потписот на Преспанскиот договор, кој е официјален и меѓународно обврзувачки документ.
Од друга страна, со промените во Уставот што ги направи македонската страна за да го имплементира Преспанскиот договор, веќе не постои терминот „македонско малцинство“, туку во амандманот 36 се вели: „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината“.
Експертската јавност во Македонија е скептична во однос на позитивните ефекти од задоцнетиот интерес на светските медиуми.
– Колку и да изгледа како ексклузивно откритието на македонското малцинство во Грција со репортажата на Би-би-си, се чини дека тоа е задоцнето. Доцна е, поради тоа што со Преспанскиот договор ние веќе се откажавме од македонското малцинство и сите наши малцинства во соседните земји ги прогласивме за дијаспора. Иако тоа е сосема надвор од дефиницијата за дијаспора, со оглед на тоа што припадниците на тие македонски малцинства никогаш не биле дел од управно-административниот систем на Република Македонија, но се етнички Македонци во државите каде што живеат. Значи, тие не се иселиле од Македонија, туку отсекогаш живееле на тие простори, кои припаднале под управно-административните системи на соседните земји на Македонија. Очигледно, тој управен систем влијае и на свеста кај претставниците на малцинствата, па и самиот адвокат Фокас, главниот лик во репортажата на Би-би-си вели дека е етнички Македонец, но и грчки патриот. Со Преспанскиот договор, сега Грција може многу полесно да го спроведува тој процес на асимилација и создавање нова амалгам-нација – вели историчарката Наташа Котлар.
Сепак, заинтересираноста на светските медиуми за постоењето на македонско малцинство во соседните земји на Македонија, за некои политички аналитичари претставува сигнал за надминување одредени табуа околу грчката чувствителност.
– Пишувањето на Би-би-си за Македонците во Грција е нов сигнал дека тоа прашање веќе не е табу ни за медиумите на Запад. Досега не сакаа да ја вознемируваат Грција со таа тема, меѓутоа по настаните поврзани со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, кога Коѕијас, Ципрас, Филис… зборуваа за историјата на „славомакедонците“, како што тие ги нарекуваат, тоа прашање повторно е на маса.
Фактот што ние и со промената на Уставот се откажавме од малцинствата во соседните земји не менува многу, бидејќи и досега ние за нив не направивме апсолутно ништо – оценува Ристо Никовски, поранешен македонски дипломат.