Теолозите велат дека и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но за секој од светителите се изградил одреден култ кај одредената црква
Свети Трифун или Свети Валентин? Секоја година на 14 февруари се отвора истата дилема, кој празник да се слави. Дали славењето на едниот или на другиот е погрешно и колку е во согласност со македонската традиција?
Свети Трифун е празник што е дел од православната традиција и се празнува според календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а во Македонија се слави како заштитник на лозарите. Од друга страна, пак, Свети Валентин се слави повеќе во католичките земји, но кај нас последните десетина години масовно се одбележува меѓу младите како ден на вљубените.
Многупати се поставува една поделба дека православните треба да го слават само Свети Трифун, а католиците само Свети Валентин.
Теолозите велат дека и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но за секој од светителите се изградил одреден култ кај одредената црква. И Свети Трифун и Свети Валентин се маченици што се прогласени за свети и ги празнува целата црква и на Исток и на Запад, односно и Православната и Католичката црква.
Сепак, според теолозите, Православната црква го слави и Свети Валентин, но не на 14 февруари, туку на 19 јули и на 12 август.
Професорот Ратомир Грозданоски, теолог од Православниот богословски факултет во Скопје, на својот веб-портал пишува дека „свети Трифун и свети Валентин биле многу далечни, едниот од Запад, а другиот од Исток, но не биле далечни како исток и запад, туку биле едно и заедно во Господа Исуса Христа, за кого и умреле, со иста вера – христијанска“.
– Не треба да се прават поделби меѓу православните и католичките верници и да се спори за тоа кој што и кого има право да слави. Многу често се поставува тоа дека ако си православен, немаш право да го славиш свети Валентин, а штом си католик, тогаш не треба да знаеш за свети Трифун. Нема ништо спорно за едни против други. И двајцата светители се свети маченици за верата христијанска, тие се свети мажи што си го дале животот за верата. Биле мачени и убиени заради Христа. Пострадале во времето кога христијанството било гонето и кога христијаните биле убивани само ако јавно говореле дека се христијани и ако други учеле во верата. Свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до смрт. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот – објаснува Грозданоски.
Од гускар до светец
Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од селото Кампсада. Тој пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите во сѐ, а Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Ја излекувал дури и ќерката на царот. Царот богато го наградил, а тој сето богатство им го раздал на сиромасите и им се придружил повторно ним, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва, и да им прави добро на луѓето. Кога дошол друг цар на престолот, чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата, а тој, и кога го мачеле, го славел Бога што му дал можност да страда за Христа и за верата христијанска. Главата му била отсечена на 14 февруари.
Јавно ја проповедал верата
Во истото тоа време кога живеел свети Трифун во Азија – на Исток, во Италија, на Запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни, а потоа и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како и свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, па Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир и им служел на Бога и на народот без страв, и не само тајно туку и јавно, пред сите, говорел за верата. Царот наредил да биде измачуван и убиен овој свештеник.