Ако свети Климент Охридски останал во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот, со пишување и читање, свети Наум останал запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале, без разлика на вера и народност

Манастирот посветен на свети Наум Охридски Чудотворец и денес го има духот на чудотворната исцелителна моќ на светителот. Прекрасниот комплекс на јужниот брег од Охридско Езеро е еден од најпосетуваните манастири во Македонија. Голем број верници доаѓаат од целиот свет со молитви за исцеление на гробот на чудотворниот светител. За свети Наум се запишани многу преданија и прераскажани настани што ја потврдуваат неговата исцелителна моќ. На свети Наум Охридски му се посветени два празника, од кои едниот се слави во зимскиот период, на 5 јануари, а другиот во летниот период, на 3 јули.

Ако свети Климент Охридски останал во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот, со пишување и читање, свети Наум останал запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, од најразлични болести, луѓе што искрено и со верба му се обраќале, без разлика на вера и народност.

Во книгата за впечатоци што стои во манастирот, посетителите во своите записи истакнуваат дека доаѓаат за здравје за себе или на целата фамилија, дека за здравје носат подарок, дека доаѓаат по јавување на светецот во сон, дека на гробот слушнале „некакво чукање“. Но споменот на свети Наум најмногу останал во народните преданија и легенди. Народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во несвест, за спасен човек во несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнување на арамиите што убиле припитомена срна, за казнување на крадци, на тие што се мајтапеле со свети Наум, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот.

Најпознато чудо, од многуте, кое и денес се раскажува меѓу народот, запишано и од страна на Кузман Шапкарев, е приказната за волот и мечката, настан овековечен на фреската во охридскиот манастир посветен на свети Наум.

– Една мечка се намерачила на волот на слугата што го орал вакафскиот (манастирски) имот и го изела. Човекот му се пожалил на свети Наум и овој за кратко време ја нашол мечката и, за уште пократко, ја припитомил. Па, ја впрегнал за казна заедно со волот три години да ора – пишува во легендата Шапкарев.

Свети Наум останал запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го уништат објектот или да го навредат светителот.

Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија.

Инаку, Свети Наум е еден од учениците на светите браќа Кирил и Методиј. Имал долг и трнлив пат. Заедно со неговиот сотрудник свети Климент ги следат светите браќа во Моравската мисија, каде што го проповедаат словото божјо на словенски јазик. Поради оваа просветителска дејност се обвинети дека проповедаат на недозволен јазик и затоа претрпуваат страдања, малтретирања и прогон. Најпосле доаѓаат во овие наши простори, каде што непречено ќе го словат словото на разбирлив мајчин словенски јазик.


Дали Климент и Наум биле браќа?

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климент. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла, собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.