Епохалната улога на светите Кирил и Методиј во нивното време и
натаму во традицијата ги издигнува како христијански рамноапостоли
и сесловенски просветители, пред сѐ поради нивните достигнувања за афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по византиско-грчката и по римолатинската
Сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, денес во современиот свет се единствените личности кои можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа. Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа. Секоја година на 24 мај продолжува да се слави нивното дело, најмногу од словенските народи.
Професор д-р Илија Велев, медиевист и византолог од Институтот за македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје вели дека епохалната улога на светите Кирил и Методиј во нивното време и натаму во традицијата ги издигнува како христијански рамноапостоли и сесловенски просветители, пред сѐ поради нивното достигнување за афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по византиско-грчката и по римолатинската.
– Тие за првпат го активирале феноменот на словенскиот фактор како своевиден политички, црковен или културолошки баланс во идниот растеж на европската цивилизација и култура преку источната и западната традиција. Со нагласен филозофски протагонизам се впуштиле во борба против тријазичната догма како кон нехумано учење, притоа бранејќи го новиот европски хуманизам во духовниот и во интеркултурниот однос за рамноправноста на јазиците и за еднаквоста меѓу народите – како траен прогресивен принцип на глобализацијата – објаснува Велев.
Руската црква го одредила 24 мај
Професорот Илија Велев вели дека следбениците на светите Кирил и Методиј се едни од најзаслужните за зачувување на нивниот спомен и нивното дело, кое интензивно го ширеле веднаш по нивната смрт, но требало да помине долго време црквата и официјално да ги признае како едни од најзначајните словенски богоучители. Според Велев, нивните први фрески се среќаваат во средновековните цркви во Македонија.
– Дури до просветителските пројави во поствизантискиот период и до народните будења во Преродбата на 19 век, култните облици за свети Константин-Кирил главно се манифестирале во диецезата на Охридската архиепископија, за што сведочат постарите сочувани преписи на кратките календарски вести и на житиеписните или на химнографските состави за него во ракописното наследство од Охридската книжевна школа, преку која подоцна биле пренесени и во руската духовна и книжевна традиција. И неговите најстари сочувани портрети во фрескоживописите се евидентираат по средновековните храмови од Македонија. Со појавата на славистиката како посебна научна област од 20-тите години на 19 век па наваму, се интензивирал и истражувачкиот интерес за неговото дело, при што сесловенското кирилометодиевско просветителство постапно се втемелило во основата на славистичките проучувања – вели професорот.
Според него, од 1863 година, откако се прославиле 1.000 години од словенската писменост, Синодот на Руската православна црква донел одлука секоја година на 11 мај (односно на 24 мај по новиот стил) да се слави општословенски празник на сесловенските просветители како ден на просветата.
– На тој начин Руската црква ја поткрепила сопствената доминација сообразена со духовната и со културно-просветната пансловенска идеја. Сè до денес празнувањето на 24 мај (односно на 11 мај по стар стил) има нагласена актуелност како ден на словенската просвета во сите словенски средини. Ова празнување веќе со статус на државно го поставува во привидна сенка главниот светителски празник за упокојувањето на св. Константин-Кирил на 27 февруари (односно на 14 февруари по стар стил) – додава Велев.
Азбуката – нивно оружје
Теологот Ратомир Грозданоски од Богословскиот факултет во Скопје истакнува дека светите Кирил и Методиј во православната црква се прославуваат како „свети рамноапостолни учители словенски“.
– Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во целата византиска империја. Нивното потекло било од Македонија. Тие го познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик ги создале и првото писмо и азбуката и ги поставиле правилата за пишување – додава Гроздановски.
Професорот појаснува и зошто тие создале азбука и писмо.
– Браќата го направиле тоа со мисла за подобро да ја исполнат својата желба, а нивната желба била да му служат на бога, проповедајќи го неговото спасително учење меѓу својот народ и тоа на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие свети мажи. И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик, на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата ги превеле и богослужбените книги за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род. Кон тоа можел да ги повлече само патриотизмот, како родољубиви словени. Дека, пак, светите Кирил и Методиј својата родна земја Македонија ја чувствувале како своја татковина, а Македонците за свој род, говорат и текстовите од Службата на свети Методиј, во која се вели дека „остави род и татковина“ и замина да живее со „светите отци“ – додава Грозданоски.
Признаени и во Ватикан
Светите браќа, иако доаѓале од Источната црква и се бореле во тоа време против тријазичниците, форсирајќи го божјото слово и на словенски јазик, станале култни личности и за Рим, седиштето на Западната црква. Но како всушност Ватикан ја добива нивната доверба?
Професорот Ратомир Грозданоски од Богословскиот факултет во Скопје објаснува дека тоа се случило во еден од најтешките периоди од нивниот живот, кога двајцата браќа поради прогон заминале за Рим, каде што биле свечено пречекани од новиот папа Адријан Втори и од римските граѓани, затоа што ги носеле со себе и моштите на свети Климент Римски.
– Папата дури одобрил да се постави словенското Евангелие во олтарот на катедралата „Свети Петар“. А во црквата „Света Дева Марија“, која и денес постои под името „Санта Мариа Маџиоре“, била отслужена и света литургија на словенски јазик. Папата се сретнал со основачите на словенската литургија, писменост и книжевност. Ги примил како светии, со голема почит го одобрил и го благословил нивното дело и ги осветил словенските книги. Со тоа тој го признал словенското писмо за свето и допуштил да се употребува на богослужбите – вели професорот Грозданоски.
Гробот на свети Методиј сѐ уште е мистерија
Македонската делегација досега не пропуштила да се поклони пред гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим и со тоа да ја искаже својата почит кон создателот на азбучното писмо. Иако придонесот за словенската култура е заеднички (на двајцата браќа), сепак целата приказна за нивниот живот и мисија како да останува празна или, пак, како што велат научниците, незавршена, поради мистерија за местото каде што се наоѓа гробот на постариот брат Методиј. Местото каде што е погребан свети Методиј и постоењето на неговите мошти сѐ уште се предизвик за археологијата и за историчарите. Постојат неколку хипотези каде се наоѓа гробот на свети Методиј, а најпозната е онаа на чешките археолози и историчари кои тврдат дека го откриле местото на гробот, во поранешна Велика Морава во градот Микулчице, денешен Велиград. Некои владици на Македонската православна црква-ОА одат и во градот Елванген, Германија, да се поклонат пред спомен-плочите на свети Методиј, кој дел од животот во заробеништво го поминал токму во тој град.