ЕУ со разочарувачки оцени за работните потенцијали во македонските институции
Во Македонија доминира ставот „ако шефот не ми рече, јас не можам ништо, да не згрешам, најдобро да стојам настрана“. Овој проблем е доста раширен во јавниот сектор, смета Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ
Колку кадарот во државната и јавната администрација е навистина стручен и професионален и подготвен да одговори на сите предизвици во интерес на граѓаните?
Овие дилеми се актуализираа во јавноста по последните критики од ЕУ насочени кон вработените во администрацијата, но и сѐ позачестените констатации дека кадровски лоша е состојбата и во правосудството, образованието и други значајни сегменти во државата.
Неодамна Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, изјави дека Македонија има голем проблем со капацитетот на човечки ресурси, особено во централните министерства и локалните управи.
– Ние, донаторите, може да сметаме само на неколку лица во секоја институција што се способни, искусни, кои се многу добри. Но тие не можат да апсорбираат многу пари, затоа што само 10-20 проценти од луѓето во министерствата се во состојба да работат со нас. Не поради нивната неспособност туку затоа што не им се дадени овластувања да работат, да постигнат резултат. Во голема мера недостига делегирање на власта. Министерот не делегира овластувања надолу… Во земјава доминира ставот „ако шефот не ми рече, јас не можам ништо, да не згрешам, најдобро да стојам настрана“. Овој проблем е доста раширен во јавниот сектор – смета Бертолини.
Од Министерството за информатичко општество и администрација посочуваат дека со донесувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Акцискиот план се предвидени јасни и мерливи мерки за зголемување на професионализацијата и департизацијата на јавната администрација.
– Фокусот е на деполитизација на администрацијата преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и соодветна и правична застапеност, како и професионализација на високите раководни позиции. Владата веќе го усвои Законот за висока раководна служба, каде што првпат се предвидуваат строги критериуми за избор на раководните позиции. Не може да се очекува професионална администрација ако тоа не се постави како начело од врвот на пирамидата во секоја од институциите. Дополнително, преку формирање на Мрежата за човечки ресурси, се јакнат капацитетите и на преостанатите позиции во институциите. Исто така, го ревидиравме и начинот на кој се оценуваше јавната администрација, откако увидовме дека претходно се користел за политички притисоци – велат од Министерството.
Оттаму додаваат и дека во однос на подобрување на квалитетот на услугите, најдобар начин за да се постигне тоа е дигитализација на услугите.
– Затоа го пуштивме во употреба и порталот за е-услуги, каде што граѓаните во овој момент може да добијат 127 услуги по електронски пат. Бројот на услуги постојано ќе се зголемува. На овој начин граѓаните поедноставно и побрзо ги добиваат услугите, а се намалува и просторот за корупција во работењето – тврдат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Познавачите на проблематиката, пак, велат дека ваквата слика важи за сите нивоа на државната и јавната администрација, која не е квалитетна, а една од главните причини за тоа е партизацијата, како и вработувањето и напредувањето без почитување на принципот на квалификации, компетенции и заслуги.
Од Министерството за информатичко општество и администрација посочуваат дека со донесувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Акцискиот план се предвидени јасни и мерливи мерки за зголемување на професионализацијата и департизацијата на јавната администрација и додаваат дека во однос на подобрување на квалитетот на услугите најдобар начин за да се постигне тоа е дигитализација на услугите
Универзитетски професор Драган Гоцевски смета дека актуелната состојба во администрацијата на централно ниво се должи на три фактори.
Според професорот, првенствено оваа состојба со слабиот квалитет на кадарот на вработените во администрацијата е нешто што се наследува од една на друга власт и од едно министерување на друго. Натаму, според Гоцевски, во втор план на состојбите повеќе од две децении влијае и фактот дека селективно се вработува во администрацијата под патронажа на партиски и роднински врски.
Според професорот, последен од низата проблематични ситуации што влијаат врз актуелната клима е проблемот со задржување на работните места, квалитетни кадри што поради ниските примања си заминуваат во приватниот сектор, а додека биле во администрацијата се обучени и остручени од обуки, семинари и разни курсеви да работат по европски стандарди.
Од друга страна, на локално ниво, истакнува професорот, капацитет за високостручен кадар е реално слаб ако тука се исклучат големите „играчи“, како на пример општинската администрација на главниот град.
– Меѓу локалните власти има општини што имаат многу мал буџет на располагање и притоа кај нив практично е тешко да се ангажираат и мотивираат да работат високостручни прoфесионалци во администрацијата – вели професорот.
Гоцевски додава дека и за ваквата клима на централно и локално ниво, за среќа, постои одредено решение што би можело да ги подобри состојбите или да ги ублажи актуелните, но кое во суштина и не може комплетно на траен план да ги реши проблемите.
Имено, професорот предлага дека властите на свое располагање имаат и одредени високостручни кадри што веќе се ангажирани од одредени владини институции, како на пример генералниот секретаријат на Владата.
– Па овие високостручни експерти што работат со специфична материја за која се потребни голема вештина и знаење во работата, би можеле со аутсорсинг да се употребат за да им помогнат во работата на пример на општините кога би се подготвувале специфични ЕУ-проекти – вели професорот.