Денови на психологијата
Автор: М-р Алисија Колевска, развоен психолог
Емпатијата е значајна социјална вештина и природна способност со која се раѓаме. Таа е основен двигател на социјалната поврзаност и неопходен услов за секоја социјална коегзистенција. Знаци на емпатија се забележуваат и кај некои животни (како мајмуни, слонови и делфини) кои имаат тенденција да се организираат во согласност со нивните колективни потреби.
Емпатијата наједноставно може да се дефинира како способност да се почувствува она што другиот го чувствува и да се реагира поаѓајќи од даденото чувство. Наодите од истражувањата откриваат дека емпатијата се состои од три дистинктивни концепти:
1. Знаење што чувствува другиот – Способност да се спознаe својот и туѓиот широк опсег на ментални состојби (верувања, копнежи, намери, имагинација, емоции итн.) кои поттикнуваат дејствo. Станува збор за умеење да се осознае гледната точка на другиот и да сфатиме дека туѓите чувства, мисли и потреби се разликуваат од нашите.
Многу од социјалните интеракции наидуваат на потешкотии токму поради непрепознавањето дека сме различни едни од други.
2. Чувствување на начин како што се чувствува другиот – Кога учесници во експеримент гледаат видео на кое се прикажува убод со игла на рака, тие ќе го почувствуваат тој убод и на нивната рака. Ова е пример на буквално чувствување онака како што се чувствува другиот, симпатија.
Симпатијата може да не биде делотворна, особено ако не знаеме како да се справуваме со болка или да управуваме со непријатни чувства.
Емпатичен страв е негативна состојба на умот во која поединецот реагира со напнатост и раширува атмосфера на загриженост и вознемиреност, поради немоќта да ја ублажи болката на другиот.
Уште еден проблематичен аспект на чувствувањето како другата личност е тоа што ова чувство е особено селективно. Убодот со игла на раката од видеото ќе го почувствуваме со помал интензитет доколку раката има поинаква боја на кожата од нашата. Друго истражување открива дека фудбалските навивачи изразуваат повеќе симпатија кон навивачите за истиот клуб, отколку кон противничките навивачи. Вообичаено е луѓето да комуницираат различно со членови од нивната група, во споредба со единки кои се надвор од таа група.
Чувството на симпатија, исто така може лесно да стане предмет на манипулација. Во многу случаи не сме свесни за селективноста на информацијата што ни е презентирана и за она што е прикриено.
Израз на страв се и сожалувањето и чувството на супериорност кон поединци кои во одредени моменти се наоѓаат во понеповолни околности од нас.
3. Сочувствување – Сочувството е реакција кон болката на другите што создава желба за помош. Сочувството ги мотивира луѓето да се потрудат да ги редуцираат туѓите физички, спиритуални или емоционални рани и тешкотии.
По природа сме зависни од помошта на другите. Другите луѓе се исто така и главниот извор на сите наши искуства. Многу нешта зависат од нашата интеракција и кооперација со другите. Ова е особено воочливо кога работите ќе тргнат наопаку. Сѐ што се случува е тесно поврзано и со животот на другите луѓе. Всушност според одредени научни откритија, постои поврзаност и на посуптилно енергетско ниво (растот на растенијата, движењата во водата и др.).
Сочувството е дел од базичните човекови потреби и го сочинува темелот на добросостојба и успех во животот.
Сочувството доаѓа со свесност за ранливоста карактеристична за човековиот род. Оттука, ќе се запрашаме како би сакале да бидеме третирани во одредена ситуација и потоа соодветно на тоа ќе дејствуваме.
Сочувството не е сентиментално чувство. Тоа е реално ангажирање со цел да се подобри или смири одредена ситуација, на тој начин што се препознава и се реагира усогласено со потребите на другиот.
Сочувството е комплексен концепт помеѓу емпатијата и алтруизмот. Тоа е став на емпатична грижа, каде е присутно чувството на симпатија, но со поголем фокус кон добросостојбата на другиот. За разлика од попасивниот начин на чувствување симпатија, сочувството е повик да се биде присутен и активно да се дејствува. Според резултатите од една студија, „пријателството“ е перципирано од испитаниците како најважен елемент на сочувството. Сочувството е искрен активен процес на помагање во тешки околности и правење добро.
Не секогаш станува збор за големи дела. Понекогаш е потребна голема храброст само да се биде вистински присутен во ситуации на болка, каде не е достапно решение. И тоа понекогаш може да биде единствениот извор на светлина во нечиј свет на темнина.
Практикувањето на сочувство, исто така може да биде реализирано и преку испраќање добри мисли, молитва, медитација и др.
Многу е важно да имаме предвид дека, иако може да се надеваме да ја трансформираме ситуацијата, не треба да останеме засегнати од крајниот исход.
Препреки за сочувството се морална огорченост и страв, но и насоченост кон перформанси и натпреварување. Во еден експеримент со студенти – свештеници им била зададена задача јавно да настапат со паримија. Пред да влезат во предавалната, требало да поминат преку двор, каде истражувачите симулирале ситуација со навидум повреден поединец во лежечка положба. За чудо, студентите биле толку многу фокусирани на задачата, што го игнорирале тоа лице, брзајќи да се претстават пред аудиториумот.
Препознавањето што го ослабува, а што го зацврстува нашето автентично дејствување, ќе ни ги зголеми можностите за избор. Ќе ни овозвожи да се застапуваме за човеково достоинство.
Истражувачките наоди посочуваат дека развивањето сочувство придонесува за бројни придобивки: го зајакнува имунолошкиот систем, ја зголемува свесноста за себе, го подигнува расположението, ги намалува стравот и депресијата, креира чувство на длабока радост, ја обновува животната смисла.
Во спиритуалните традиции, на сочувството или милосрдноста им се намалува автентичноста доколку ангажирањето не е избрано по слободна волја, туку повеќе станало наметната аспирација или поставена норма да докажеме дека сме „добри луѓе“.
Пасијата е неопходна за сочувството. Треба да чувствуваме внатрешен порив за придонес на позитивен и автентичен начин кон добросостојбата на другите. Колку се поголеми проблемите, толку повеќе пасија е неопходна за сочувството да премине во дело. Потребно е да бидеме поврзани со нешто поголемо од нас, нашиот систем на вредности, пасијата што ни помага да бидеме моќно и позитивно човеково присуство. Поривот треба да произлегува од длабок извор на искуство, кој не е нејасен, туку зацврстен. Потребна ни е инспирација за да дејствуваме на автентичен начин и да имаме способност да ги гледаме настаните од широка перспектива, без да нѐ обземаат негативни емоции. Во овој случај помалку сме егоистични и се посветуваме на она што е добро за друг и за „големата слика“. Но, како да го постигнеме ова, без да ја загубиме свесноста за сите добри нешта, без да се изолираме или да пропаднеме? Како да развиваме добро срце? Милосрдие.
Воочувањето и ценењето на сѐ што е добро во светот ќе нѐ спречи да станеме огорчени и гневни кога се соочуваме со страдањето. Неопходно е да останеме присутни без да затвораме очи, без да се изгубиме себеси во болката. Се работи за рамнотежа помеѓу игнорирањето и преплавеноста. Тоа го практикуваме кога медитираме: се стишуваме, ги отвораме срцето и умот и остануваме присутни.
Дисциплина, самоспознавање, негување на доблести за добар живот, сочувство кон себе.
Самосочувство. Чекор кон сочувство
Сочувството кон себе или љубовта кон себе му претходи на сочувството кон другите. Љубовта кон себе го поставува темелот за автентична љубов кон другите. „Сакај го ближниот како себеси“ треба да биде појдовната точка. Да се опсипуваме себе си со љубов е првиот чекор до сочувството кон другите. Можеме да се грижиме и да ја развиваме љубовта кон други само кога сме способни да се сакаме себе си.
Љубовта кон себе подразбира гаење на позитивни чувства и идеи за себе, одржување на свесноста дека животот е добар таков каков што е, прифаќање на она што се случило во животот. Да не се насочуваме кон размислување за тоа како можело да биде поинаку, да не се грижиме за нешто што веќе е непроменливо и да не остануваме затвореници на нашите слабости и грешки. Да се обидуваме да го започнуваме денот со „добро срце“, топло чувство, кое ќе ги отвори внатрешните врати во нас, внесувајќи пријатна, позитивна вибрација. Тој внатрешен пријателски став ќе направи голема разлика во сите наши искуства на дневна основа.
Сочувството кон себе ја обновува менталната сила и придонесува за оптимално функционирање:
1. Oвозможува поголема психичка флексибилност, редуцирајќи ги негативните мисли и емоции;
2. Се потхранува нашата интринзична (внатрешна) мотивација, така што се намалува стравот од одбивање и од правење грешки;
3. Доведува до повеќе позитивни чувства. На краток рок се зголемува креативноста, а на долги патеки социјалните и емоционалните ресурси се зајакнуваат;
4. „Квалитети на срцето“ како храброст, простување (да се ослободиме себе си од носење на товарот на негативноста) се поттикнати;
5. Придонесува за раст на љубовта, посветеноста на други, позитивните релации. Тоа е природна „козметика“ која ќе го направи нашето лице блескаво и ќе обезбеди опуштена и ведра физичка експресија. Станува збор за радосно чувство, благодарност за нештата онакви какви што се, умствена смиреност, зашто се прифаќаме себе си, зашто сме го направиле она што би можело да се направи.
Љубовта кон себе е еден од примарните услови за сите исцелителни процеси.