ПРОФЕСОРИ РЕАГИРААТ
Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет пред десетина години беше една од ретките високообразовни институции, во која професорите активно се занимаваа со наука. Дека е тоа така, покажуваше фактот дека во тоа време, на ниво на држава, вкупно 30 отсто од научните трудови објавени во меѓународни списанија со импакт-фактор, беа токму од овој институт. Но каква е ситуацијата денес?
Долгогодишниот професор Виктор Стефов вели дека финансирањето на науката е сведено на минимум и дека третманот на науката никогаш не бил поочаен.
– Наука и не постои сега. Финансирањето е сведено не на минимум, туку под минимум. Она што 10 години претходната влада не финансираше ништо во науката, оваа власт по инерција го продолжи. Од 2009 година немаме национални проекти, а на институтите основна цел им е да се занимаваат со наука. Тие се без никаква научна поддршка. Не може една куќа да се гради од покрив туку од темелите, тоа значи дека не може да се уништи базната наука, а да се очекуваат позитивни резултати од иновации. Тоа е невозможно, прво треба да се вложува во науката како целина, а потоа и во иновации. Никако обратно, како што се прави тоа сега – вели Стефов.
Дополнителен проблем на Институтот за хемија е тоа што со години не е примен млад кадар. Стефов вели дека од 45 професори и асистенти, за неколку години останале 20, и тоа само професори.
– Ние неколкумина што бевме најдобри, сега сме за никаде. Сѐ уште нешто правиме, но тоа е повеќе од ентузијазам одошто од каква било стратегија, институтска или државна. Гледаме како се уништува базната наука, а ние сме моторот, ние сме локомотивата во високото образование. А науката е 100 отсто во високото образование. Немаме хемикалии и основни средства за работа. Сѐ што купуваме, сѐ е од лични средства, а само една хемикалија е од 500 евра, па нагоре. Сами вложуваме во апаратура, во хемикалии, ние колегите го правиме тоа заедно. Не дај боже апаратура да се расипе, нема кој да ја плати таа поправка. Ние сме донкихотовци, од љубов кон науката сѐ уште работиме – додава тој.
Бројот на научни трудови што ги објавуваат професорите на овој институт, од година на година се намалува.
– Сме објавувале и по 60 труда годишно, а сега објавуваме помалку од 30. Тоа се должи на тоа што нема пари, нема услови за истражувања. Излез од ова пропаѓање има. Претставници од интеруниверзитетска конференција, МАНУ, заедно со премиерот и министерот за финансии треба да седнат и да го решат проблемот. Тие имаат реална моќ за тоа – предлага Стефов.
Во високото образование платите не се зголемени 12 години. Еден професор зема основна плата од државата во висина од 33.000 денари. На Институтот за хемија интерес за студии има поради квалитетот на студиите и поради тоа што студентите се барани на пазарот на трудот и овде и во странство.
И покрај лошите услови, кога станува збор на науката, студенти секоја година освојуваат награди и признанија на натпреварите по хемија. Последен успех се двата освоени бронзени медали на светско ниво, натпревар што се одржа во Париз. Дополнително, Министерството за образование и наука дава стипендии за природни науки и им дава добра поддршка на студентите, што ги тера да се запишуваат на овие институти.
Македонија со најмал буџет за наука во регионот
Оваа година за наука од државниот буџет се издвоени 415 милиони денари, а минатата година за истата намена се трошеле 425 милиони денари. Секоја година средствата за наука се намалуваат, што зборува за третманот на државата кон науката. Македонија е една од земјите во регионот во која се трошат најмалку пари за научноистражувачка дејност. За наука се издвојуваат 0,2 отсто од БДП, а во Словенија овој процент е 2,2. Во Србија е 0,7, а во Бугарија 0,8.