АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Воениот судир меѓу Иран и САД може да има колосални регионални, но и светски последици. Поради клучната геополитичка и безбедносна важност на ова прашање, одговори побаравме од министерствата за надворешни работи на Иран и на САД, односно од нивните дипломатски мисии во Македонија. По вчерашниот одговор од иранската дипломатска мисија во Македонија, во денешното издание го пренесуваме интегрално и ставот на американската амбасада во нашата држава

Сѐ додека јас сум претседател на САД, на Иран никогаш нема да му биде дозволено да поседува нуклеарно оружје. Задоволство ми е да ве информирам: американскиот народ треба да биде екстремно благодарен и среќен за тоа што ниту еден Американец не беше ранет во нападот од иранскиот режим. Не претрпевме жртви, сите наши војници се безбедни, и само минимална штета беше направена на нашите воени бази.

Нашите големи американски сили се подготвени за сѐ. Иран изгледа дека се повлекува, што е добра работа за сите засегнати страни и многу добра работа за светот. Не беа загубени американски или ирачки животи, бидејќи беа преземени мерки за претпазливост, силите беа дисперзирани и системот за рано предупредување работеше многу добро. Ги поздравувам неверојатните вештини и храброста на американските мажи и жени во униформа.

Предолго време – поточно од 1979 година – нациите го толерираа деструктивното и дестабилизирачко однесување на Иран на Блискиот Исток и пошироко. Тие денови се минато. Иран беше водечки спонзор на тероризмот и нивната потрага по нуклеарни оружја му се закани на цивилизираниот свет. Никогаш нема да дозволиме да се случи тоа.

Минатата недела презедовме одлучна акција за да го запреме безмилосниот терорист да им се заканува на американските животи. По моја наредба, војската на САД го елиминираше најголемиот терорист во светот, Касим Сулејмани. Како командант на силите Кудс, Сулејмани беше лично одговорен за некои од апсолутно најлошите злосторства. Тој обучуваше терористички армии, вклучувајќи го и Хезболах, спроведувајќи терористички напади против цивилни цели. Тој ги разгоруваше граѓанските војни низ регионот. Тој злонамерно рани и уби илјадници американски војници, вклучувајќи го и поставување бомби на патиштата што ги осакатуваа нивните жртви.

Сулејмани ги насочуваше неодамнешните напади на американскиот персонал во Ирак, во кои тешко беа ранети четворица војници и беше убиен еден Американец, и тој го оркестрираше насилниот напад на американската амбасада во Багдад. Во изминатите денови тој планираше нови напади на американски цели, но ние го запревме. Рацете на Сулејмани беа натопени и со американска и со иранска крв. Тој требаше да биде елиминиран уште многу одамна. Со отстранувањето на Сулејмани испративме моќна порака до терористите: ако го цените својот живот, нема да им се заканувате на животите на нашите луѓе.

Додека продолжуваме да ги проценуваме опциите за одговор на иранската агресија, САД веднаш ќе воведат дополнителни казнени економски санкции против иранскиот режим. Овие моќни санкции ќе останат во сила сѐ додека Иран не го промени своето однесување. Само во изминатите месеци, Иран заплени бродови во меѓународните води, изврши неиспровоциран напад на Саудиска Арабија и собори два американски дронови. Иранските непријателства значително се зголемија откако во 2013 година беше постигнат бесмислениот ирански нуклеарен договор и ним им беа дадени 150 милијарди долари, а да не ги споменувам 1,8 милијарда долари во готово. Наместо на САД да им кажат „благодарам“, тие извикуваа „смрт на Америка“. Всушност, тие извикуваа „смрт на Америка“ истиот ден кога беше потпишан договорот.

Потоа, Иран почна со терористичкото беснеење, финансирано со парите од договорот, и создаде пекол во Јемен, Сирија, Либија, Авганистан и Ирак. Проектилите што беа истрелани на нас и нашите сојузници беа платени со фондовите што ги овозможи претходната администрација. Режимот исто така ја засили контролата на неговата сопствена земја, па дури и неодамна уби 1.500 лица на многуте протести што се одржуваа низ целиот Иран.

Дефектниот нуклеарен договор истекува набргу, и му дава на Иран јасен и брз пат до нуклеарниот напредок. Иран мора да ги напушти своите нуклеарни амбиции и да ја прекине својата поддршка за тероризмот.
Дојде време Британија, Германија, Франција, Русија и Кина да ја признаат оваа реалност. Тие сега мораат да ги напуштат остатоците од иранскиот договор и мораме сите да работиме заедно кон постигнување договор со Иран, што ќе го направи светот побезбедно и помирно место. Исто така, мораме да направиме договор што му овозможува на Иран да се развива, да напредува, и да го искористи својот огромен недопрен потенцијал. Иран може да биде голема земја.

Мирот и стабилноста не може да опстојат на Блискиот Исток сѐ додека Иран продолжува да поттикнува насилство, безредија, омраза и војна. Цивилизираниот свет мора да испрати јасна и обединета порака до иранскиот режим: вашата кампања на терор, убиства и хаос нема повеќе да биде толерирана. Нема да дозволиме да продолжи понатаму.

Денес ќе побарам од НАТО да биде повеќе инволвиран во процесот на Блискиот Исток. Во изминатите три години, под мое лидерство, нашата економија е посилна од кога било претходно и Америка постигна енергетска независност. Овие историски достигнувања ги променија нашите стратегиски приоритети. Тоа се постигнувања што никој не веруваше дека се можни. Опциите на Блискиот Исток станаа достапни. Сега ние сме најголем производител на нафта и на природен гас во светот. Ние сме независни и не ни е потребна блискоисточната нафта.

Американската војска беше комплетно обновена во текот на мојата администрација, по цена од 2.500 милијарди долари. Американските вооружени сили се посилни од кога било претходно. Нашите ракети се големи, моќни, прецизни, смртоносни и брзи. Во изградба се и многу хиперсонични проектили. Фактот дека ја имаме оваа голема војска и опрема, сепак, не значи дека мораме да ја употребиме. Не сакаме да ја употребиме. Американската сила, воена и економска, е нашето најдобро одвраќање.

Пред три месеци, по уништувањето на сто отсто од Исламската држава и нејзиниот територијален калифат, го убивме ѕверскиот лидер на ИД, Ал Багдади, кој беше одговорен за толку многу смрт, вклучувајќи ги и масовните обезглавувања на христијани, муслимани, и сите што му стоеја на патот. Тој беше чудовиште. Ал Багдади се обидуваше повторно да го изгради калифатот на ИД и не успеа. Илјадници борци на ИД беа убиени или заробени во текот на мојата администрација. ИД е природен непријател на Иран. Уништувањето на ИД е добро за Иран и би требало заедно да работите на тоа и на други заеднички приоритети.

На крајот, до народот и лидерите на Иран: сакаме да имате иднина и голема иднина – иднина што ја заслужувате, со напредок дома и хармонија со нациите во светот. САД се подготвени да го поддржат мирот со сите оние што го посакуваат.
Сакам да ви се заблагодарам и господ да ја благослови Америка. Многу ви благодарам.


Американската амбасада во Скопје се изјасни во врска со барањето на „Нова Македонија“ за нивен коментар за случувањата во Иран. Во таа насока, од амбасадата ни беше посочен и испратен говор на претседателот Доналд Трамп.
Според амбасадата, тоа е во целост позицијата на САД во однос на ова прашање