Руската амбасада во Скопје преку нејзиниот профил на Твитер денеска реагираше на изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена во петокот вечерта, во интервју за ТВ 24, во кое кажа дека „протераниот руски дипломат недозволиво се однесувал во Македонија, дека неколку пати бил предупредуван, но и покрај тоа продолжил со вршење активности за кои не бил акредитиран во земјата и дека таквите докази и биле презентирани на амбасадата на Русија“.
– Намерно или не, Зоран Заев е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никави предупредувања ниту „докази“ за кои зборува премиерот. И натаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско-македонските односи – напишаа од Руската амбасада во Скопје на Твитер, за чинот на протерување на рускиот дипломат.
Македонското Министерство за надворешни работи, како што пред 15-тина дена соопшти министерот Никола Димитров, овој чекор го презеде во координација со западните сојузници и како чин на солидарност со Велика Британија за случајот „Скрипал“.